Вкупната материјална штета направена во Македонскиот народен театар (МНТ) од навивачката група „Шверцери“ е 3. 965 евра, утврдила надлежната комисија. Штетата мора да се надомести, а ќе се утврди и одговорното лице кое ќе ја плати. Но, треба да се понесе одговорност за духовната штета што е направена, истакна премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања, меѓу кои и за случувањата во МНТ.
Заев информира дека го добил записникот од комисијата, но не успеал да го прочита бидејќи, како што рече, синоќа доцна се вратил од Босна и Херцеговина.
Инаку, бил откорнат тапацирот на пет столици во вредност од 125 евра, откорнати биле и ногарки од столици 150 парчиња во вредност од 250 евра, уништен парапет на прва галерија во делот на украсни лајсни и тоа 10 и други два метри, во вредност од 240 евра. Уништени биле и орнаменти, бурдури во вредност од 200 евра, како и искршени пет подни светилки, теписони со дупки од отпушоци во вредност од 400 евра.
– Живееме и работиме за младите луѓе и тие се нашата иднина. Не смееме да дозволиме материјалните добра што се на сите, но и духовните добра што оваа земја ги има создадено да бидат допрени, оштетени и на кој било начин омаловажени. Реакцијата што се случи од јавноста е духовната болка. Она што го видовме на снимките беше причина за сериозната реакција што се јави во јавноста. Верувам дека тука има поединечни одговорности, ќе се утврдат и ќе соопштиме на јавноста, рече Заев, додавајќи дека не сака да прави калкулации околу тоа што се случило, кој бил виновен или слично.
Потенцира дека реагирале и тој и неговата партија, но и многу други политички партии заради тоа што е направена поголема штета, а тоа е духовната.
– Дали се тоа млади или повозрасни луѓе, националниот театар е отворен за сите и треба сите да го користат, но се знае под како околности и во какви услови, апелираше Заев.
Премиерот Заев меѓу другото потсети дека тој бил присутен на одбележувањето на Денот на албанската азбука во МНТ во првиот дел, по што во 20.30 часот заминал.
МИА/Фото: Фејсбук/Шверцери