еМагазин
Image default
Македонија

Вучиќ: Ништо не бараме од Македонците, само братство и пријателство

Економскиот форум во Скопје и дводневната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ се главна тема на медиумите во Србија, меѓу кои Танјуг и ТВ Пинк директно ја пренесуваат посетата и неговите средби и одржувањето на Форумот, јави дописникот на МИА од Белград.

По синоќешниот директен линк на ТВ Пинк од прошетката на Вучиќ со премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама долж кејот на реката Вардар и центарот на Скопје, како и обраќањето на претседателот на Србија до српската јавност, медиумите јавуваат и за неговата средба со легендарниот македонски и југословенски фудбалер Дарко Панчев, како и за врачувањето на благодарница од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, за обезбедување помош при вакцинирање на бизнисмени, што беше организирано на крајот на март во Србија, а потоа и ревакцинацијата.

– Ви благодарам многу за она што го направивте за бизнис заедницата, изјави Азески.

Вучиќ од своја страна нагласи дека му било голема чест да ја добие таа благодарница.

– Ние само се однесувавме нормално, како што би направиле сите нормални луѓе, рече српскиот претседател.

Вучиќ изјави дека Србија му помогнала на македонскиот народ во 1963 година, кога Скопје го погоди катастрофалниот земјотрес.

– Немаме што друго да бараме од македонските граѓани, освен пријателство и братство. Не ни треба ни територија или да кажеме дека тоа е наш јазик. Нам ни е важно само да имаме најблиски и најдобри можни односи.

Она што го правиме овде ќе направи големи работи за нашата земја, ако не успееме, барем ќе остане дека некој се обидел – за во следните година или две да можеме да поминеме низ нашите три земји, суверени и независни, да поминуваме без граници и да си помагаме едни на други во секое време, истакна Вучиќ.

Претседателот на Србија нагласи дека камионите од Скопје до Белград или Тирана ќе можат да минуваат без запирање, додека другите ќе треба малку да застанат, некое време.

Тој рече дека додека разговарал со граѓаните во Скопје, додека шетал, видел оти луѓето во Северна Македонија денес ја почитуваат Србија повеќе отколку порано.

– Немаме други интереси освен да опстанеме заедно во оваа област и да го подобриме животот и да ги приближиме Белград, Скопје и Тирана, изјави Вучиќ.

Тој, исто така, додаде дека на економскиот форум најмногу компании дошле од Србија – 217, што покажува колкав е интересот во Србија за соработка во регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Вучиќ се сретна со Панчев во Скопје: “Чест ми е што можев да се сретнам со големиот шампион“

Вучиќ: Од јануари 2023 нема да има граници помеѓу Македонија, Србија и Албанија

МИА/Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Жбогар: „Рекет“ стана риалити шоу, судството веројатно сфаќа дека можеби ја има последната шанса да ја врати довербата кај граѓаните

Редакција

Нови 109 случаи на Ковид-19 од 1.062 тестови

Редакција

МНР започнува со изработка на нова десетгодишна надворешна политичка стратегија – „Рефлексија 20-30“

Редакција