еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Силни жени од цел свет кога ќе се обединат на едно место, нема сила што може да ги спречи во остварување на целите

Жени-лидерки членки на Глобалниот клуб на жени Г 100 денска во Скопје дојдени од различни делови на светот, со различно потекло, вера, животно искуство и кариера, испратија силни пораки визија на ум: да го направиме светот подобро место за жените и девојките.

„Ако верувате во вашата идеја за промена и сте подготвени да работите напорно, порано или подоцна тој сон ќе стане реалност.

Денес, една идеја стана реалност, па дури и да не сме целосно свесни за неа, започнавме процес кој ќе влијае на општеството, светот и што е најважно, на нашите животи.“

Со оваа порака државната претставничка на Крилото за комуникација и застапништво на Глобален клуб на жени лидерки Г 100 во Скопје, Ленка Угриновски им посака добредојде на оснивачката на престижниот Глобален клуб на жени лидерки Г 100, Харбин Арора и нејзиниот тим, кои ја посетија нашата земја во рамки на Балканскиот проект за соработка на жените лидерки во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград, Скопје, Тирана и Приштина.

Харбин Арора, оснивачката на престижниот Глобален клуб на жени лидерки Г 100 денеска во Скопје порача дека не е важно од која земја сме, каква боја на кожа имаме, на косата или облеката, важно е да бидеме со солидарен дух и да се поддржуваме.

„Сите се соочуваме со истите проблеми, но дури и најсилните личности имаат потреба од подадена рака, од поддршка. Тоа е нашата енергија, моќ, сила, со меѓусебна љубов и позитивна енергија да си дадеме сила. Секоја жена да ја поттикнеме кога да каже ДА, за почит, за образование, а кога да каже НЕ!“, истакна Арора.

Гостинките од Малезија и Индонезија истакнаа дека деновиве запознале многу жени од Балканот, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Македонија и секаде биле дочекани со позитивна енергија и ентузијазам за борба за родова еднаквост и меѓусебна поддршка.

„Ние жените сме научени да извршуваме повеќе функции во исто време, ние сме и мајки и сопруги, и баби и менаџерки. Бидете свои и поддржувајте се меѓусебе,“ изјави една од учесничките.

Угриновска истакна дека кога пред една година и била дадена задача да создаде мрежа на силни жени да се борат против родовата нееднаквост во Македонија со огромно задоволство и со полно срце го прифатила предизвикот.

„Нашите членови на Г 100 носат смирувачки ветер што треба да ги подигне едрата на женското лидерство во македонското општество и бизнис. Поради нив, лидерството постепено станува професија од два пола, а компаниите и институциите со повеќе жени на раководни позиции стануваат поконкурентни, општествено одговорни и општествено праведни.

Убедена сум дека овие жени, со својата иницијатива, моќ и одлучност да работат напорно за родова еднаквост, ќе донесат значителни промени не само во нашето општество, туку и во целиот свет.

Како крило, не сме фокусирани само на проширување на мрежата, туку развиваме и локална стратегија и активности за поддршка на глобалните цели на Г 100,“ порача Угриновска, која како претседателка на ЕЛИТ, додаде дека македонското здружение на жени директори, веќе има поставено силна мрежа на застапници за родова еднаквост.

Оваа организација постои повеќе од една деценија, со мисија да го охрабри и промовира женското претприемништво, особено женското лидерство во бизнисот и пошироко.

Зголемувањето на бројот на жени на одлучувачки позиции во компаниите во управните и надзорните одбори, ќе ги направи жените значаен фактор во економијата, ќе отвори нови работни места и ќе го подобри квалитетот на животот.

Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонското женско лоби, порача дека во Македонија од 2006 година има Закон за еднакви можности меѓу мажите и жените. Тој е основа за вклучување на жените и во политиката и во институциите каде што се носат одлуките.

„Овие форуми носат можност за размена на искуства, а преку женските организации можеме да поднесуваме иницијативи кои ќе го подобрат местото на жената во општеството,“ рече Димитриевска.

Анета Антова Пешева, ко-основачка, косопственичка и извршна директорка на компанијата ULTRA Computing/UNET Group, претседателка на МАСИТ – Стопанска комора за ИКТ, почесен конзул на Канада и регионален претседавач на Скопје Исток, испрати порака до младите девојки дека најважна работа е жените да се образуваат, да работат, да бидат финансиски независни, само така ќе можат да ја покажат своја сила.

„Имаме организации, искуство, само треба да се охрабриме, да се поддржиме, да не се воздржуваме да седнеме на највисоките позиции“, вели Пешева.

Во Глобалниот клуб Г 100 членуваат најистакнатите светски жени лидерки кои се подготвени да го споделат своето знаење и искуство за заедничка цел-подобра иднина за сите. Глобалниот клуб Г 100 има 100 секторски крила и претставнички од сите земји и свои канцеларии во Брисел (ЕУ), Њујорк (ОН), Њу Делхи и Женева, или околу 1.000.000 членки ширум светот.

Во нашата земја, во Крилото за комуникација и застапништво членуваат 35 успешни жени членки лидерки, кои се од различни вери и потекло, различно животно искуство и кариера, но сите имаат иста визија да делуваат локално, преку сопствени иницијативи да го направат нашето општество подобро место за жените и девојките.

Денеска на свечениот настан, кој се одржа на Универзитетот за туризам и менаџент-Скопје беа номинирани уште пет успешни жени лидерки од Македонија.

Стратегијата на Глобалната мрежа Г 100 за следната деценија е во корелација со целите за одржлив развој на Обединетите Нации, поконкретно целта број пет: Родова еднаквост и еманципација на жените и девојчињата.

Во овој контекст членките на глобалната мрежа Г 100 со заеднички сили работат на изнаоѓање на применливи решенија кои ќе овозможат вистинска инклузија и економско и социјално зајакнување на жените и девојчињата ширум светот.

Членките на Г 100 се цврсто уверени дека постигнувањето на седумнаесетте стратешки цели за одржлив развој на ОН, до 2030 година е возможно само и единствено преку целосно достигнување на родовата еднаквост, односно стратешката цел број пет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Србија нема да отвори нов кластер оти не и воведе санкции на Русија

Редакција

Од Ковид-19 починале 6 лица, дополнително пријавени уште 4

Редакција

Пет нови ковид-амбуланти во Скопје, за сега нема нови мерки

Редакција