еМагазин
Image default
Македонија

Собранието и Владата разменија искуства за поефикасно да ги подржат граѓаните при следната криза

Пратеници од различни релевантни комисии, како и собраниска и владина служба деновиве учествуваат во виртуелна симулација со експерти од Швајцарија и САД, со цел да стекнат знаење што ќе им помогне поефикасно да ги поддржат граѓаните при следната криза.

Онлајн-настанот насловен „Подготовки за следната криза: Развивање на поефикасен систем за управување со кризи“ е организиран од Националниот демократски институт и е дел од швајцарската „Програма за парламентарна поддршка“.

Меѓу учесниците, повеќе од 50 на број, беа претставници на владини министерства и институции, канцеларијата на претседателот на Републиката, граѓански организации и донаторската заедница во земјата.

Преку дводневната анализа на постојната состојба и досега уредениот начин на справување со криза, улогата и одговорноста на секоја институција во иднина, а особено надзорната улога на Собранието, како и идентификување на точките за подобрување, верувам дека ќе дојдеме до вредни и сеопфатни одговори со цел подобро справување со евентуални кризи што би можеле да ни се случат во иднина, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Зоран Нечев од Институтот за демократија ги презентира начините на функционирање на системот на Северна Македонија за време на криза, додека д-р Ен Филипс и пензионираниот полковник Џим Руф детално се осврнаа на системот на САД, додека д-р Роланд Болин го сподели своето мислење за системот на Швајцарија.

Локалните практичари и членовите на граѓанските организации ги споделија своите проценки за системот за управување со кризи во Северна Македонија и исто така ги разгледаа системите за управување со кризи во Швајцарија и во САД.

За сите држави во светот, Ковид-19 пандемијата е ситуација без преседан, и затоа е неопходно од оваа криза да излеземе со сознанија и искуства што ќе ни помогнат во идните. Од секоја криза, како што е редот, и од оваа треба да извлечеме поуки и да ги преточиме искуствата и знаењата во секогаш подготвен и одржлив систем за управување со кризи и да воспоставиме формални механизми за надзор и контрола во вонредна состојба, рече Зоран Заев, претседателот на Владата.

Во текот на симулацијата, учесниците ги испитаа надзорните функции на Собранието, вклучително неговите клучни одговорности, структури и работни процеси во сите фази на кризата – пред, за време и по неа – и идентификуваа потенцијални области и активности што можат да се подобрат.

Тие ги анализираа постојните процеси за кризен менаџмент и ги разјаснија улогите и одговорностите во архитектурата за управување со кризи.

Дополнително, учесниците ги оценија барањата на извршната власт од Собранието за подобрување на националниот процес на управување со кризи и идентификуваа начини за подобрување на надзорот на националните процеси за управување со кризи.

Преку нашите заеднички напори за добро управување, македонските институции треба да спроведат транспарентно и ефикасно донесување одлуки и родово одговорно буџетирање. Има многу лекции што треба да се извлечат од изминатата година и половина, бидејќи земјите ширум светот беа под притисок на социјалните, економските и политичките ефекти на пандемијата.

И Швајцарија и Северна Македонија не беа имуни на овие предизвици. Сега повеќе од кога било, јавните службеници мора да разберат како безбедно да се вклучат во креирање инклузивни политики и надзор за решавање на предизвиците на управување поврзани со кризи.

Ние охрабруваме отворена и искрена размена за да се идентификуваат начините на Собранието и извршната власт да ги зајакнат своите процеси за управување со кризи и позасилена вклученост на граѓанското општество, изјави швајцарската амбасадорка Сибил Сутер.

Магдалена Лембовска, Зоран Нечев и Џим Руф неодамна објавија извештај во кој се анализира одговорот на управувањето со Ковид-19 кризата во Северна Македонија. Еден од најзначајните заклучоци на овој документ е дека на стратешко ниво, треба да се донесе сеопфатна „Стратегија за национална безбедност“ преку транспарентен и партиципативен процес, во согласност со последните измени и дополнувања на Законот за одбрана од февруари 2020 година.

Демократското управување е клучно за справување со пандемиите и следните кризи. Според анкетите на НДИ во 2020 година, граѓаните очекуваа соработка и консензус за заштита на јавното здравје за време на Ковид-19 кризата.

Двајца од тројца анкетирани граѓани во Северна Македонија претпочитаа демократско споделување моќ и креирање консултативни политики како стратегија за справување со Ковид-19. Креирањето ваква политика го претпочитаат мнозинството анкетирани граѓани, дури и доколку тоа го забави одговорот на кризата.

Проценката на НДИ е дека надминувањето на основните дефицити во управувањето може да се постигне со: зајакнување на демократските институции; промовирање партиципативно и инклузивно донесување одлуки; зајакнување на ефективни комуникации и спротивставување на дезинформациите; борба против Ковид-19 корупција, како и спречување на насилството врз жените и девојчиња, рече Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ.

Преку проширување на поимот за безбедност, новата стратегија треба да се заснова на проценка на ризици и да следи акционен план за градење отпорност кон разни безбедносни закани. Во овој контекст, Собранието треба да има активна улога не само во усвојувањето на документот, туку и во надгледувањето на неговата имплементација.

Правните празнини откриени при реакцијата на пандемијата со Ковид-19 треба да се решат со усвојување соодветна правна рамка за вонредната состојба, опфаќајќи прашања како што се јасно дефинирање на улогите и одговорностите на институциите, процес на донесување одлуки, надзор и контрола.

За „Програмата за парламентарна поддршка“

„Програмата за парламентарна поддршка“ е 10-годишен проект што ќе ги поддржи напорите за независност на Собранието на Северна Македонија преку градење консензус, структурни реформи и зајакнување капацитети. Проектот ќе го поддржи институционалниот развој на Собранието, неговите законодавни и надзорни улоги и неговата институционална транспарентност и отчетност.

Вкупната цел на проектот е да му помогне на Собранието во стекнување институционален кредибилитет и доверба во јавноста со зачувување на интересите и потребите на граѓаните и со поконсензусно ориентирана и инклузивна дебата и донесување одлуки.

Проектот се спроведува од „Националниот демократски институт“, Центарот за управување со промени и Институтот за демократија „Социетас Цивилис-Скопје“ со институционално партнерство од Швајцарското федерално собрание, Европскиот парламент, естонскиот „Риигигогу“, германскиот Бундестаг и граѓанската организација со седиште во Латвија, „МанаБалсс.лв“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Талат Џафери ќе биде технички премиер од 28. јануари

Редакција

(Видео) Акција на МВР во Арачиново и Свети Николе: Разбиена банда која шверцувала оружје и дрога

Редакција

Милошоски по гласањето во собраниската комисија: Се покажа дека нема двотретинско мнозинство

Редакција