Ниту еден граѓанин кој живее во стан во негова сопственост што бил исклучен од системот за централно греење пред 31 март 2019 година нема да плаќа никаков трошок за испорака на топлинска енергија од системот за централно греење започнувајќи од сметките за месец април, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Обврската за плаќање фиксен надоместок за централно греење ќе продолжи единствено за граѓаните кои се исклучени од системот за централно греење и нивните станови се празни.
Од Комисијата појаснуваат дека за ослободување од плаќање сопствениците на становите што се исклучени од системот за централно греење се должни до снабдувачот со топлинска енергија да достават барање што е одобрено од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и е достапно на шалтерите на снабдувачот, имотен лист на станот кој не е постар од 30 дена за кој бараат ослободување од обврската и лична карта на увид.