еМагазин
Image default
Македонија

Состојбата во училиштата е стабилна, остануваме на настава со физичко присуство, вели Царовска

Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна, и сѐ додека е така, остануваме на првото сценарио – настава со физичко присуство. Доколку има каква е да е промена или загрозување, тогаш во координација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство ќе имплементираме други сценарија.

Но, засега сѐ укажува дека состојбата е стабилна и дека учениците се безбедни во училиштата, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Соопшти дека над 75 отсто од наставниците се вакцинирани, што е двојно повеќе од националниот просек, под 1 процент е бројот на позитивни и активни случаи во училиштата.

Од почетокот на учебната година до денеска, рече таа, нема надминување на 0,3 проценти позитивни и активни ученици во основно и средно образование, а на дневно ниво нема надминување на 0,03 односно процентот се движи од 0,01 до 0,03.

– Исто така, и проценката што ја правеше Министерството за здравство покажа контрола на епидемијата во училиштата, што, пак, покажува дека мерките се почитуваат и протоколите се добро дизајнирани и добро се спроведуваат. Секако, како и минатата година, и оваа година ја следиме состојбата на дневно ниво.

Токму затоа, сѐ додека состојбата со ковид е стабилна во училиштата, ќе го предлагаме моделот со физичко присуство. Ако Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство алармираат дека има други закани по здравјето на учениците поврзани со ковид, тогаш, секако, ќе преземеме други мерки и ќе дискутираме за други сценарија, изјави Царовска.

На новинарско прашање дали смета дека ќе биде дел од реконструкцијата на Владата, министерката одговори дека мандатот го добива по гласање на Собранието и на предлог на мандатарот и додека е тоа така ќе ги извршува дневните активности во Министерството за образование и наука и задачите за почнатите реформи што ќе ги подобрат образованието и науката.

-Сѐ додека е така продолжувам да ги остварувам задачите што првенствено ми се дадени од граѓаните и остануваме во таа насока. Доколку има предлог од мандатарот, тој сигурно носи одлуки во интерес на граѓаните, и согласно со реализираните резултати дека тоа ќе биде прифатено, рече Царовска.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пад од 45,5%: Минатата недела 12 смртни случаи од Ковид-19

Редакција

Младите лекари до Стевановиќ: Ретко кој пациент знае што се лесни симптоми

Редакција

Се проверува дали има одговорност кај градоначалникот Димитриевски оти не им кажал на премиерот и министрите дека се тестирал

Редакција