Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски смета дека брзо ќе се пронајде заеднички јазик со евентуалната нова бугарска влада предводена од Кирил Петков и Асен Василев, за која, како што нагласува, е оптимист дека ќе биде формирана по третите парламентарни избори во земјата.
-Овој пристап кој тој го промовира, за волја на вистината е форсиран од македонска страна, од моментот кога јас станав специјален претставник на Владата. Ја наследив веќе подготвената патна карта која ја усогласивме, и каде што се обидувавме преку активностите кои што ги правеше нашето Министерство за надворешни работи, да бидеме многу попрагматични и многу попродуктивни.
Затоа како што зборува и Кирил Петков, дека е ова работен процес и не знае работните групи колку брзо ќе се усогласат, а јас знам дека веќе имаме документ кој може да одговори на овие барања, мислам дека брзо би нашле заеднички јазик, рече Бучковски во дебатната емисија Топ Тема на ТВ Телма.
Бучковски нагласи дека сепак клучното прашање е дали ќе се успее тоа да се постигне до 14 декември. Има вели тој, охрабрувачки сигнали, за нова стратегија од бугарска страна која, според него, би и одговарала на земјава. Но, како што нагласува, треба да ни биде јасно оти времето не ни е сојузник.
-Иако денеска бугарскиот претседател Румен Радев даде една изјава, дека максимално брзо ќе го свика идното собрание, очекувањата се дека тоа најбрзо може да биде на 24 или 25 ноември. За една недела, на 21 ќе бидат официјалните резултати.
Нивниот Устав дозволува тоа да биде и еден месец после изборите, но и тие брзаат заради тоа што долго време немаа политичка влада, затоа што сакаат да бидат во полн капацитет за да може новата политичка влада да го предложи Буџетот. Имаат и други притисоци, пред се таму е исто катастрофална сотојбата со ковид кризата, оцени Бучковски.
Од друга страна, поранешниот амбасадор на земјава во Бугарија, Марјан Ѓорчев, смета дека нема да има време тоа да биде постигнато до декември. Вели дека покрај останатото тука станува збор и за кадри, односно распределба на ресорите во министерствата и средбите со претседателот Радев.
-Претседателот Радев, колку и да ги испочитува сите брзи рокови, средбите кои што ќе бидат нема да ѝ дадат на бугарската страна доволен простор тие да реагираат кај ЕУ на начин кој што ќе значи позитивно изјаснување, рече Ѓорчев во дебатната емисија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Фејсбук/Бучковски