Бугарскиот претседател, Румен Радев, на почетокот на консултациите со партијата што победи на парламентарните избори Има таков народ ја поздравува нивната одлука за отворање дијалог со другите партии.
Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, Радев смета дека треба да се продолжи со процесот на зајакнување на државноста и обезбедување стабилна предвидлива правна рамка за економијата, за важните социјални прашања, за нерешавање на итните прашања, како и за ребаланс на буџетот на Бугарија.
Заменик претседателот на Има таков народ, Ташко Јорданов, изјави дека неговата партија ќе предложи влада.
– Сите сфаќаме дека наша е одговорноста како победници на парламентарните избори. Претседателот Трифонов веднаш, следниот ден по изборите, рече дека сме свесни за оваа одговорност и ќе ја преземеме со јасна свест за тоа што се бара од нас. Свесни сме дека ние мора да се обидеме да направиме кабинет и Националното собрание да работи, рече Јорданов.
Тој изрази надеж дека доколку политичките субјекти надминат некои свои партиски интереси и делови од програмите, што не се во согласност со оние на другите, тие ќе можат да формираат доволно стабилно парламентарно мнозинство за да ја изберат новата влада на Бугарија.
МИА/Фото: Фејсбук/Радев