еМагазин
Image default
Бизнис

Струмичани многу малку се интересираат за летување преку туристичките агенции

Во услови на пандемија на Ковид-19 струмичани покажуваат многу мал интерес за летување преку туристичките агенции за дестинациите каде можат слободно да патуваат, информираат од агенциите.

Граѓаните на нашата држава засега можат да патуваат во Турција, Албанија и Србија без тест за коронавирусот, додека традиционалните дестинации Грција, Бугарија, Црна Гора и Хрватска се затворени за македонските туристи.

Според Сашко Дончовски, сопственик на Туристичката агенција „Атлантис“ од Струмица, интересот за летување е намален за 95 отсто во споредба со лани.

-Лани дневно добивавме по неколку стотина повици и барања за летување, а годинава ниту пет. Засега само Турција е единствена држава каде можеме да одиме организирано. Ја рекламираме оваа дестинација, а досега од нашата земја замина само два чартер летови во последната недела, односно агенциите ги споија патниците.

Но, во најголем дел тоа се туристи кои ги користат ваучерите што ги добија за претходно уплатените аранжмани, кои не можеа да ги реализираат, вели Дончовски.

Додава дека нема интерес кај граѓаните за летување, а единствена активност се ваучерите од Владата за летување во земјата.

-Катастрофалната сезона можеме малку од малку да ја спасиме само ако се отвори Грција од почетокот на наредниот месец. Секој сака да излезе барем на кратко од државата, но засега ништо не може да се прогнозира. Засега остануваат Турција и Албанија, но прашање е и до кога и тие ќе останат отворени за нас, рече Дончовски.

И Моника Наковска од Туристичката агенција „Нова Травел“ од Струмица потврдува дека е многу мал интересот за летување.

-Многу е мал интересот за летување, а склучени аранжмани немаме. Тие што одлучиле да летуваат во земјава не ги користат нашите услуги и одат сами, рече Наковска.

На македонските граѓани за летување во Турција агенциите им нудат седум и десетдневни аранжмани со чартер летови со хотелско сместување по принцип на „ултра олл инклузив“ и додаваат дека доколку некој се зарази со Ковид-19 таму лекувањето е на трошок на домаќините.

Во Албанија тоа не е случај и ако некој се инфицира од коронавирусот, тогаш лекувањето е на сопствен трошок.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Комора на сметководители: Ликвидноста на над 65 проценти од фирмите сериозно нарушена, нејаснотии околу помошта

Редакција

Кои се најтргуваните акции на Македонската берза во ноември

Редакција

Помалку правни и физички лица на новата Листа на должници на УЈП

Редакција