еМагазин
Image default
Македонија

Судењето за „Монструм“ продолжува на 10 декември, ќе сведочат лекари од Судска медицина и балистичари

По сведочењето на вешти лица од МВР, кои вршеле анализи и испитувања на предметен материјал за случајот „Монструм”, денешното рочиште за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, беше прекинато, а ново е закажано за 10 декември, кога вкрстено ќе бидат испрашувани лекари од Судска медицина и балистичари.

Семејствата на убиените момчиња и рибарот посочија дека нема да присуствуваат на рочиштето, зошто тоа е многу болно за нив и не ќе може да ги следат исказите.

На почетокот на денешното рочиште, првиот вештак, вработен во Одделот за крим-техника при МВР, кажа дека за случајот вршел анализа на отпечатоци од прсти, на возило „фиат пунто”.

– На анализа ми беа доставени две траги, од кои една беше од дланка и беше подобна за анализа. По внесувањето во системот не е извршена идентификација, кажа вештото лице.

Посочи, дека со предметот за анализа, бил задолжен на 17 април 2012 година.

Второто вешто лице, било вработено како началник на Одделот за дигитална форензика при МВР, и вршело увид и анализа во доставената компјутерска опрема за случајот.

Посочи дека со наредбата било побарано да се утврди содржината на електронската комуникација и фајловите кои се во врска со подготовка и извршување на кривично дело тероризам, од одземената компјутерска опрема од лицата Азири Ќани, Агим Исмаиловиќ, Азири Хаки, Фејзи Азири, Демири Имер, Асани Исмир и други дванаесет лица.

–  Од компјутерот на Агим Исмаиловиќ пронајдени се текстуални фрагменти од интернет комуникација остварена преку Мсн, Скајп и Фејсбук сервисот, изјави вештото лице.

Нагласи дека не е вршена анализа на содржината, но дека сите екстрактирани делови се достапни за детална анализа, на што судијата Ставрев, посочи дека ќе бара да се изврши детална анализа на содржината на таа комуникација за поврзаноста со конкретното дело.

Случајот „Монструм“ во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

21-годишното момче од Тетово кое почина од Ковид-19 немало никакви коморбидитети, но не реагирало на терапијата

Редакција

Вакцините со погрешни декларации се уште не се уништени

Редакција

Нина Ангеловска предложена за министер за финансии

Редакција