Судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје, продолжува на 31 октомври, откако денеска на предлог на одбраната сведочеа лекари од Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
На денешното рочиште лекарката Маја Мојсова Миовска од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) изјави дека дури и да ја знаеле повредата на ‘рбетниот мозок, курсот на лекување ќе останел ист.
Според неа, причина за смртта генерално е престанок на работа на срцето или на дишењето.
– За жал ние сме анестезиолози и немаме алатка која што може да ни даде увид во тоа која е главната причина за смртта, ние во тој момент немавме податок, рече таа.
На предлог на одбраната денеска сведочеше и лекарката Билјана Андоновска, исто така од КАРИЛ, која што пред судот изјави дека во лекувањето се приклучила на денот на настапувањето на смртта на оштетениот.
– Пациентот е донесен без знаци на живот и без срцева акција, пристапено е кон основно и напреднато одржување во живот, рече таа.
На прашање дали повредата на ‘рбетниот мозок им била позната, таа одговори дека според првичната дијагностика што била направена, во документацијата што ја имале на увид немало таков опис.
Адвокатот на обвинетиот Андреј Костовски, Еленко Миланов, во изјава за медиуми по рочиштето истакна дека снимањето морало да ја покаже повредата.
– Компјутерската томографија морало да ја покаже повредата. Тие лекуваа, но до последен момент не знаеја од што лекуваат, и зошто лекуваат и која е причината зошто го изгубија тој пациент, изјави адвокатот.
Обвинителката Тања Трајчевска претходно на денешното рочиште изведе материјални докази – рендген снимки од оштетениот Денис Тот изготвени од Судска медицина.
На изминатото рочиште беа изведени видео материјали од безбедносните камери на дискотеката и Сејф сити системот, на кои се гледаат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ на 7 април годинава во периодот од 3:25 до 3:45 минути.
Пред судот, исто така, беа изведени и материјални докази, меѓу кои извештаи од мобилни оператори за повеќе телефонски броеви, извештаи од МВР, упати и извештаи од Ургентен, Токсикологија, Неврохирургија, Радиологија и друга документација.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.
МИА/Фото: МИА