Основниот кривичен суд Скопје информира дека адвокатот Јовица Страшевски од Скопје вчера до судот доставил допис дека од 8 до 17-ти овој месец ќе биде на годишен одмор. Со ова, како што велат од судот, се прават обиди за одолговлекување на главната расправа закажана за 13 јануари годинава.
-Заради интерес на медиумите за предметот во јавноста познат како „ТНТ“ и постојаните опструкции на поединци – странки во постапката, во целост го објавуваме последниот допис кој вчера кон крајот на работното време беше доставен до судот.
За последните случувања и обиди за одолговлекување на главната расправа насрочена за 13 – ти јануари 2020 година, судот ќе ја извести Адвокатската комора и Судскиот совет на РСМ, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Страшевски е адвокат на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски во случајот „ТНТ“.
Одбраната на обвиниетите во „ТНТ“ изминатиот период укажуваше на судечкиот совет дека мандатот на поротничката Лилјана Ивановска Кочовска е завршен на 24 декeмври 2019 и оти според Законот за кривична постапка, доколку дојде до каква било промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да започне од почеток.
Сепак, постапката продолжи и беа одржани неколку рочишта и по 24 декември, а судечкиот совет, укажуваше на фактот дека не е во нивна надлежност да одлучуваат за престанок на мандат на судија поротник и оти тоа е прашање на Судскиот совет.
Страшевски: судија-поротник Лидија Ивановска-Кочковска поднела неотповиклива оставка
“Конечно во Македонија завладеа правото! Проработи „Слободата на совеста која е признаена насекаде “. Во текот на вчерашниот ден од лица кои ги почитуваат законите, владеењето на правото, добив информации а и истите во текот на вчерашниот ден, биле присутни во Основниот кривичен суд Скопје, кога поранешната судија-поротник Лидија Ивановска-Кочковска поднела НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА од позицијата судија – поротник поради истек на мандат,и при тоа во оставката го информирала претседателот на Основниот кривичен суд дека повеќе не сака да присуствува на било кое рочиште“, стои во денешното соопштение на Страшевски.
„Според информациите и покрај тоа што поранешната судија-поротник Лидија Ивановска Кочковска оставката и официјално ја доставила во архивата на Основниот кривичен суд Скопје, по налог на претседателот на судот истата не била прифатена и била итно повикана кај него со цел да се изврши притисок да мора да присуствува на рочиштата кои се закажани особено за предметот „ТНТ“.
Итно го повикувам Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да постапат по оваа информација и на целокупната македонска јавност и ја соопштат вистината околу случувањата во Основниот кривичен суд поврзани со овој настан.
Ја користам оваа прилика и ја охрабрувам поранешната судија – поротник Лидија Ивановска Кочковска која со поднесување на неотповикливата оставка испрати моќна порака,да продолжи да работи по законите во Македонија, да го почитува и применува владеењето на правото, да не потпаѓа под никакви притисоци закани уцени,ветувања…
Слободата на совеста е многу моќна,силна и признаена! Во Македонија ќе се почитува,применува и завладее правото!!!“, пишува тој.
Кривичен суд: Адвокатот Страшевски со новиот допис ги потврдува заканите врз Судот и судијата – поротник
Новиот допис на адвокатот Јовица Страшевски кој денеска беше доставен до медиумите само ги потврдува заканите и притисоците кои адвокатот – странка во постапката, се обидува да ги направи врз Судот и судијата – поротник, кој одлучува во конкретната постапка, а за кои судот подолго време апелира и вчера побара соодветна реакција од надлежните органи, велат од Основен кривичен суд Скопје.
– Неспорен е фактот дека судијата – поротник вчера побара прием кај претседателот на судот на кој му се пожали дека прима закани да се откаже од постапување во конкретниот предмет за што е доставена и изјава. Откако е посочено дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија – портоник и доколку е неоходно институциите може на секој судија и судија – поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се согласи да продолжи да постапува се до евентуално разрешување од Судскиот совет, се наведува во соопштението од Судот.
Од Судот велат дека зачудува фактот како адвокатот кој официјално е на одмор и неможе да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжува со прозивки и притисоци? Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуаат до судот, од други лица, кога истите се доставуаат само до приемното одделение?
– Како се дозволува некој и понатаму да влијае на судиите и судиите – поротниции надвор од судница. Заради сите овие прашања судот повторно апелира до Министерството за правда, Адвокатската комора, Судскиот совет на РСМ и Јавниот обвинител да преземе соодветни мерки и да го заштити судот, бидејќи доколку овие „методи“ вродат со плод, истите може да бидат применети и во сите други судски постапки, посочуваат во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.