еМагазин
Image default
Македонија

Сведок во „Титаник”: Над 500 лица во Кичево донирале средства за ВМРО-ДПМНЕ

Од 90-тите години сум член на ВМРО-ДПМНЕ, и секогаш сум донирал парични средства во партијата, изјави сведокот Наќо Николовски од Кичево, во случајот „Титаник”, наведувајќи дека тоа го има направено во Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, но не во банка.

– Никогаш не сум уплатил во банка во име на партијата, меѓутоа секој месец сум донирал во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, во ОК-Кичево. Највисоко што сум го донирал беше 20 илјади денари во 2011 година пред изборите, а пред тоа сум плаќал членарина од две-три илјади денари. До моментот кога бев повикан во СЈО, не знаев дека во мое име е исплатен износ од 60 илјади денари. Уплатницата ја видов при распитот и потписот не беше мој, рече сведокот Николовски.

На прашање на обвинетиот Илија Димовски, дали бројот на лица кој плаќале членарина го надминува бројот 500, тој наведе дека бројот бил поголем и дека ОК ВМРО-ДПМНЕ – Кичево, потоа парите ги уплатиле во банка во име на партијата.

Судењето за овој предмет го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Меѓу главните обвинети за овој случај се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот пратеник Илија Димовски и други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Според обвинението поднесено од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), обвинетите се осомничени за кривичните дела повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Муцунски и Димитриеска-Кочоска се нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

СМС комуникација на Бајрами и Ахмети за случајот „Монструм“: Извршителите на убиството се професионалци

Редакција

Последниот регистриран пред неколку дена: 111 импортирани случаи на Ковид-19 во Македонија

Редакција