еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Тајванската компанија „Јагео” влегува во Македонија со 205 милиони евра инвестиција, треба да отвори 4.000 работни места

Тајванската компанија „Јагео” и официјално влегува во Македонија. Договорот за инвестицијата вредна 205 милиони евра, која треба да отвори околу 4.000 нови вработувања, денеска во Тајпеј го потпишаа директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и менаџментот на конзорциумот „Јагео”. Како што јави известувачот на МИА од Тајпеј, „Јагео” ќе произведува резервни делови и компоненти за автомобилската индустрија и за т.н. зелена енергија. Производствените погони ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје 1 и во ТИРЗ Штип.

Како што беше речено пред потпишувањето на Договорот, изградбата на првиот капацитет ќе почне во јули годинава, во ТИРЗ Скопје 1. Предвидено е и, генерално, да се ангажираат наши, локални добавувачи.

Преговорите за инвестицијата траеле речиси една година, а земјава е избрана како најдобра во „трката” со останатите од регионот и пошироко.-Со Северна Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција: увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно. Ни излегуваше секогаш во пресрет и тука беше за секој наш проблем, потенцира извршниот директор на „Јагео”, Дејвид Ванг.Андреа Мејер, главен во оперативниот сегмент, напомена дека оваа досега најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, нема да значи вложување само во пари, бизнис и профит, туку и вложување во човечки капитал.-Наши приоритети се воведување нова технологија и јакнење на кадарот, овозможување вработените да стекнат нови вештини и да се усовршат, подвлече Мејер.

Според директорот Деспотовски, денешното потпишување на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност, можеме да оствариме големи резултати.Делегацијата што ја предводи Деспотовски утре ќе има можност да ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.

МИА/Фото: ТИРЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Без поголеми инциденти, во Белград сепак се маршираше на Европрајд

Редакција

Секоја шпекулација за промена на граници, само ќе донесе повеќе неизвесност и нестабилност во регионот, вели Столтенберг

Редакција

„Меѓу измислените Бугари во Албанија повеќето Албанци“, објави македонскиот весник „Илинден“

Редакција