Модната дизајнерка Росица Мршиќ создаде капсулна колекција која ја одразува нејзината визија за потребите на времето кое го живееме: топла, опуштена, секојдневна, а во исто време колекција со изразен дизајнерски импулс.
Колекцијата е лесна за носење во текот на целиот ден, без сезонска, со можност да се комбинира и прилагодува на индивидуалните потреби.
Со естетика, која освен што е изразена и препознатлива, е крајно практична во секојдневието.
Колекцијата е карактеристична по нејзиниот специфичен потпис: скулптурален пристап кон градење на женствена силуета на необично убав начин со предизвик да се деконструира класичното и создаде различен изглед претставен со нов визуелен јазик.
Дизајнирано со современа, графичка и чиста естетика, секое парче е внимателно создадено со фокус кон детаљите, и со употреба на контраст во изборот на бои и волумен за постигнување на чувство на комфор.
Новина во дизајнирање на колекцијата е вметнување на автентичен дизајнерски принт на материјалите од кои е изработена колекцијата, како и модни додатоци кои се печатени со авторскиот принт.
Дизајнерката верува во ставот дека мора да постои креативен предизвик при создавање на секоја нова колекција, за творењето да биде оправдано. Предизвикот е изразен преку експериментирање со кроеви, употреба на бои, материјали и истражување на нови естетски изразувања.
На тој начин се постигнува вредност на секое модно парче и колекција; да биде визуелно и естетски потврдено и со долготрајна актуелност.
Облеката што се дизајнира и изработува е резултат на искуството и ставот на дизајнерот, а брендот Росица Мршиќ секоја сезона создава мали, внимателно креирани, лимитирани серии со минимално влијание врз животната средина.
Росица Мршиќ е интернационално етаблирана модна дизајнерка и бренд со современ, софистициран и деликатно скулптурен стил. Основан во 2009 година, Росица Мршиќ е меѓу првите македонски брендови кој работи по принципот на одржлива и бавна мода, и создава автентични модни колекции и модни додатоци.
Нејзината естетика е препознатлива по смелиот, но женствен потпис со прецизна изработка и софистициран изглед, претпочитан од следбеничките на иновативната и безвременска естетика.
Фотографии: AniDimi Photography
Модел: Сандра Алекс
MUA: Зорица Николова