еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Толковниот речник на македонскиот јазик достапен електронски на платформата makedonski.gov.mk

Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома од денеска е достапен онлајн и бесплатно за користење на интерактивната платформа makedonski.gov.mk, која денеска ја промовираше Владата по повод 5 Мај – Ден на македонскиот јазик.

Авторите и редакцијата на Речникот ги подготвија печатените 4.200 страници за електронското издание, откако по предлог на Советот за македонски јазик и на барање на Институтот за македонски јазик, Владата одлучи трајно да ги откупи материјалните права на составувачите на овој значаен лексикографски труд.

Министетството за образование и наука ја операционализираше одлуката, а Министетството за култура го стави онлајн-изданието на Толковниот речник во националната програма за „Годината на Конески“.

На 8 декември 2017 година, по повод Денот на св. Климент, со одлука на Владата беше промовирано достапно за јавноста електронско издание на Правописот на македонскиот јазик, кој исто така ќе биде достапен на новата платформа makedonski.gov.mk.

Владата денеска онлајн, од Спомен-собата на Крсте Петков Мисирков во Институтот, го промовираше и електронскиот Толковен речник по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, востановен пред две години во чест на историскиот 5 мај 1944 година, кога е усвоена современата македонска азбука.

Денешната промоција е и во рамки на чествувувањето 100 години од раѓањето на Блаже Конески, што е и во календарот на УНЕСКО за меѓународни јубилеи во 2021, и во годината кога се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874-1926) – патронот на Институтот за македонски јазик.

Премиерот Зоран Заев истакна дека овој дигитален толковен речник им се става на располагање на граѓаните, сонародниците во дијаспората, научниците кои можат да ги ползуваат отворените ресурси.

Заев истакна дека наредниот период истиот ќе се надоградува од страна на академици, научници под надзор на Институтот за македонски јазик, за истиот да расте и да се развива.

Премиерот истакна дека Владата ќе го стави на располагање кодот на сите заинтересирани програмери, ИТ компании кои во иднина би развивале одредени апликации за развој и користење на јазикот.

Според Заев овој толковен речник сведочи за различноста, посебноста и автентичноста на македонскиот јазик во споредба со другите словенски и светски јазици.

Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јовановска-Грујовска истакна дека на едно место на платформата може да се најдат толковниот речник со пребарување, како и правописот кој е во пдф формат и наскоро на него ќе може да има пребарувања.

Во своето обраќање таа истакна дека се надева дека на следното одбележување на Денот на азбуката, Институтот ќе биде подмладен со нови кадри, а овој речник се подарува на македонските граѓани и на светот.

Снежана Велковска која е раководител на електронското издание на толковниот речник истакна дека оваа платформа е најдобар одговор на нападите од надвор и од внатре и сведочи за сличностите и разликите помеѓу македонскиот и другите јзаици. Во него се вметнати 20 нови лексеми, подобрени дефиниции, исправени грешки од печатеното издание.

Таа истакна дека од големо значење е меѓуинституционалната соработка, и го даде примерот со Словенија на чиј што речник работеле 100 стручњаци од различни области, па секој во својата дејност го толкувал значењето на зборовите. А тие пак губеле драгоцено време за толкувања на одредени зборови, чии што одговори во одредени институции веќе ги има.

МИА/Мета/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

На барање на Македонија, Србија ќе ни испорача 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка

Редакција

Министерство за одбрана: Нашите војници во УНИФИЛ во Либан се безбедни

Редакција

Груби во „лов“ на шест пратеници за уставни измени

Редакција