„Крушево да биде препознатлива туристичка дестинација со разнообразна понуда во текот на целата година и да биде посакувано место за живеење со развиен бизнис и рурален развој“ стои напишано како визија во Интегрираниот план за локален развој.
Во фокусот на овој развој се туризмот, како еден од доминантните поттикнувачи на локалниот економски развој, привлекувањето нови инвестиции и поддршка на постоечките микро и мали претпријатија.
„Крушево цели да биде и посакувано еколошко место за живеење кое ќе привлече домување и развој на културата како уште еден импулс за привлекување посетители и генерално, развој на туристичкиот сектор. Туризмот е една од доминантните области кои го движат локалниот економски развој.
Преку инфраструктурно унапредување на туристичката инфраструктура, подобрување на понудата преку надградба на капацитетите на туристичките работници и креирање нови содржини се отвораат нови работни места, се прошируваат капацитетите на угостителскиот сектор, се популаризира работата на субјектите од областа на културно – историското наследство.
Туризмот е еден од двигателите на економскиот развој и токму како резултат на бенефитите од работата во оваа област, општина Крушево планира и реализира проекти кои го подобруваат туризмот. Уделот во локалниот развој се зголемува постојано и токму затоа продолжува реализацијата на проекти во овој сектор“, објаснува Татјана Хасану, раководител на Одделението за локален економски развој во Општина Крушево.
Според неа, локалното население преку активно учество на пазарот придонесува за развој на општината. И „иселениците“ се редовни посетители на општина Крушево. Дел од нив инвестираат во Крушево, а дел придонесуваат кон развој на заедницата и нивните родни места преку донации, особено во секторот образование.
Општината гради односи и комуницира и со претставници на дијаспората и на тој начин се поттикнува соработка и придонесот. Хасану објаснува дека граѓаните се вклучуваат и во форуми на заедница, одговараат на анкети, на покана на општината учествуваат во работилници, младите се вклучуваат во проекти и многу други активности.
„Заштитата на животната средина станува се поактуелна тема. Животната средина покрај на секојдневието и здравјето на граѓаните влијае и на туристичкиот сектор. Како дестинација за туризам, еден од предусловите кои треба да се исполни е чиста и здрава животна средина. Така што заштитата е од особено значење за развој на ова поле а со самото тоа, се зголемува влијанието врз локалниот економски развој“, додава Хасану.
Во однос на ЛЕР, општината се фокусира на развој на туризмот, поттикнување на занаетчиството, развивање на мали и средни бизниси, Крушево – град со развиена култура и посакувано еколошко место за живот, поентира Хасану.