еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија заедно со младите креираат онлајн кампања за побезбеден интернет простор

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија организираат серија работилници со деца и млади за заедничко креирање комуникациска кампања против врсничкото онлајн насилство  и говорот на омраза на интернет, информираат од таму.

За време на работилниците кои започнаа викендов, 30 деца и млади учествуваа во групни креативни сесии за конципирање кампања и развој на пораки.

„Адолесценцијата е најдобриот период за стимулирање на креативното размислување. Ова е, исто така, најдобрата возраст за да научите како да решавате проблеми и да се грижите за другите“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ, на отворањето на работилниците. „Затоа сум среќна што гледам како младите луѓе се ангажираат и ќе се борат против еден од најголемите предизвици што тие самите го идентификуваа – врсничкото онлајн насилство  и говорот на омраза“.

Како генерација која поминува многу време на интернет, младите се под најголема закана од говор на омраза и врсничко онлајн насилство. Станува збор за феномен на современото општество кој предизвикува сѐ поголема загриженост и проблеми за младите, но и за нивните родители, старатели и воспитувачи.

Една неодамнешна национална анкета на U-Report покажа дека во изминатата година, 24% од младите испитаници почувствувале закана на интернет, секој трет испитаник бил жртва на врсничко онлајн насилство кое главно се случува на социјалните мрежи (71%) и во четовите (12%).

„Младите денес имаат навистина тешка задача, освен во реалниот да се борат против омразата и во онлајн светот. А наша задача е да ги поттикнеме, охрабриме да им дадеме глас да градат интернет без омраза“ рече Леа Липша, директор на Фондацијата Телеком за Македонија, на отворањето на работилниците.

За време на работилницата, младите научија повеќе за врсничкото онлајн насилство, како да го препознаат и спречат, ги дефинираа целите за промена на однесувањето и работеа на наратив.  Преку заедничко креирање со психолози, креативни експерти и експерти за комуникација, тие ги дефинираа целните групи и подготвија план и концепт за кампањата.

Работилниците ќе продолжат и следниот викенд кога учесниците ќе се фокусираат на креирање видеа и други комуникациски материјали. Кампањата ќе започне во јуни.

Насловена „Заедно за интернет без омраза“, оваа иницијатива е дел од долгорочното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, чија цел е да ги вклучи децата и младите во борбата против некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Продолжува здравствениот караван од Клиника Жан Митрев за бесплатни прегледи на пензионерите

Редакција

Донација товарно возило од Витаминка за ТППЕ Прилеп

Редакција

(Галерија) Со поддршка на НЛБ Банка се одржа Аутдор фестивалот „When in Krusevo“

Редакција