Кампањата за вакцинација против коронавирусот во Британија спаси скоро 12.000 животи, а повеќе од 30.000 постари луѓе не завршија во болници со тешка форма на болеста, покажа студија објавена денеска од англискиот Институт за јавно здравје (ПХЕ).
Во Британија две третини од возрасната популација е вакцинирана со најмалку една доза на вакцина против Ковид-19, што оди во прилог на напорите на британскиот премиер Борис Џонсон да ја отвори економијата до лето.
До крајот на април, програмата за вакцинирање против Ковид-19 спречи 11.700 смртни случаи кај луѓе постари од 60 години во Британија, објави ПХЕ.
Се проценува дека во истиот период биле избегнати 33.000 хоспитализации на луѓе постари од 65 години.
Податоците на ПХЕ не ги опфаќаат Шкотска, Велс или Северна Ирска, чии влади имаат сопствена политика против пандемијата.
ПХЕ исто така соопшти дека резултатите од студијата се однесуваат само на директните ефекти на вакцината врз вакцинираните лица, и „има сѐ појасни и поголеми“ докази дека вакцините помагаат во намалување на преносот на инфекција, што значи дека бројот на смртни случаи и хоспитализации спречени од вакцините е веројатно поголем.
– Вакцината веќе спаси толку многу животи и сега можеме да го видиме огромното влијание што го имаше врз спречување на тоа луѓето сериозно да се разболат, а со тоа и да ги заштитиме нашите болници, изјави Мери Рамзи, раководителка на програмата за вакцинација во ПХЕ.
Во Велика Британија има 127.640 смртни случаи од Ковид-19, што е шести најголем број на смртни случаи на глобално ниво.
МИА/Фото: МЗ