Имам добри вести за интергацијата на Западен Балкан во ЕУ. Таа ќе продолжи и ќе работиме уште посилно и напорно да го оствариме тоа. Мора да ги забрзаме процесите и да вметнеме динамика во нив, но истовремено да ги направиме посигурни и поверодостојни за сите нас и за рагионот и за земјите членки, изјави еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји на заедничката прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски.
Проширувањето, нагласи Вархеји, за новата ЕК е приоритет и не може да работи без поголемо влијание во регионот.
– Мора да работиме врз основа на процената дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори. Нема промена во тој став и ќе се држиме до таа првична процена дека мора да почнеме пристапни преговори со овие две земји. Тоа значи дека треба да имаме позитивна одлука од Советот за отворање на пристапните преговори пред Самитот во Загреб годинава, изјави еврокомесарот Вархеји.
Тој посочи дека ќе имаат многу работа во следните месеци, кога ќе треба да се унапреди процесот на проширување.
– Новиот пристап мора да биде сигурен и попредвидлив, и ќе мора да биде малку пополитички и објективен, но и со поголема динамика. Тоа се принципите на кои ги засноваме нашите предлози. Принципите треба да функционираат и за регионот и за нашите земји членки.
Сакаме да предложиме отворање на пристапни преговори уште пролетва, но тоа треба да дојде заедно со економски план за регионот. На Самитот во Загреб се надевам дека ќе ја добиеме поддршката на земјите членки за интензивирање на нашето присуство и затворање на економскиот јаз меѓу вас и нас, изјави Вархеји.
Вархеји, посочи дека сакал да испрати порака со неговата посета на нашата земја, која е прва официјална посета на регионот и прва посета надвор од ЕУ.
– Сакав првата посета да ја посветам на Северна Македонија која веќе направи многу за членство и го испорача историскиот Преспански договор, изјави Вархеји.
Тој нагласи дека очекува успешни избори, по кои ЕУ ќе добие сигурен партнер во Владата, посочувајќи дека е клучно спроведувањето на Преспанскиот договор и билатералниот договор со Бугарија, без разлика на тоа која ќе биде следната влада.
Рече и дека по отворањето на преговорите, предизвиците ќе бидат уште поголеми за нашата земја, за да ја одржи динамиката и да ги испорачува сите резултати и реформи кои се потребни за станување земја-членка. Затоа, рече Вархеји, е важно да постои национален консензус околу пристапувањето кон ЕУ.
Истакна дека е потребно е Владата, и сите други институции да ги имплементираат реформите и да продолжат со досегашната работа, а приоритет треба да се даде на новиот закон за јавно обвинителство. Изрази надеж дека тоа ќе биде направено од страна на сегашниот парламент и тоа, како што рече, ќе биде добар знак упатен до земјите-членки.
– Побарав ЕП да определи награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјата во искористувањето на европските фондови. Предлогот очекувам дека ќе добие зелено светло и ќе се овласти исплатата, изјави Вархеји.
Еврокомесарот, во однос на тоа доколку новата методологија за преговарање не биде усогласена во март или мај, дали ќе имаме зелено светло од Франција за отпочнување на паралелни преговори на кои што инсистира ЕК, Вархеји рече дека ЕК не работи само со Северна Македонија и Албанија туку и со сите земји-членки за да се успее.
– Јас контактирам со сите земји-членки особено со оние коишто има одредени грижи во октомври и кои што во тоа време во октомври не се договорија. Минатата недела го посетив Париз каде што имав интензивни, но позитивни дискусии со француските власти и мислам дека имаме начин да се справиме со сите предизвици со кои се соочуваме и се надевам дека ќе можеме да ги исполниме сите услови поставени од различни засегнати страни, секако ова се координирани напори што сите мора да ги вложиме, нашите земји-членки, но и регионот. Сепак овој пат имам надеж дека ќе добиеме позитивна одлука за двете работи, истакна Вархеји.
На новинарско прашање дали може да ја обелодени содржината на извештајот на ЕК за Северна Македонија што треба да биде објавен во март, Вархеји рече дека е прерано да се каже што ќе содржи извештајот и дека се уште не почнале да работат на него.
– Сега се фокусираме да го составиме овој нов пакет, но внимателно ќе го следиме развојот особено кога станува збор за реформите, една ставка секако ќе бидат и реформите, но тука влегува во игра и јавното обвинителство, рече еврокомесарот.
Премиерот Оливер Спасовски изрази очекување дека средбите и комуникацијата со Вархеји ќе добијат на интензитет, бидејќи како што рече, влегуваме во клучен период за остварување на нашата стратешка цел, членство во ЕУ.
– Се надеваме и со право очекуваме стратешката цел за членство на Северна Македонија во Европската Унија, која треба да почне со стартување на преговорите за членство, да се оствари во претстојните месеци по 15 години статус на кандидат за членство, порача тој по средбата во Владата со еврокомесарот Вархеји.
Рече дека со ништо нема да се загрози постигнатото поради што добивме и признание од Европската комисија минатата година кога на Европскиот совет му беше предочено итно и безусловно стартување на пристапните преговори.
– Препораката дојде како резултат на успешно спроведените реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи, кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност, рече Спасовски на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Вархеји.
Тој истакна дека земјата ја очекува најавената одлука во октомври минатата година, откако земјата направи се што се очекуваше за стар на преговорите, иако, како што рече доживеавме разочарување и прифативме дека стратешката грешка набрзо ќе биде исправена и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото, иако со одложување.
-Програмата на новата ЕК е нова голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашата позиција како идни членки на Унијата. ЕК е наш сојузник во нашите настојувања за влез во ЕУ очекуваме да продолжат со новиот состав на ЕК, истакна Спасовски.
Премиерот потенцира дека е важно што ЕК по Европскиот совет во ноември 2019 ја презеде обврската и под водство на Вархеји најави дека до крајот на месецот ќе го претстави документот со предлог измените на методологијата за водење на преговорите.
– Северна Македонија е заинтересирана што побргу да се објави методологијата и се надева дека предлогот ќе ги задоволи очекувањата и барањата на Франција, но и ставовите на земјите-членки кои беа и останаа пријателски настроени кон проширувањето и немаа ништо против тоа да почне и во октомври минатата година. Наш интерес е да се избегнат нови несогласувања и да се постигне консензус час поскоро, рече тој.
Додаде дека за нас е клучно одобрувањето и носењето на новата методологија и на одлуката за почеток на преговорите да бидат одвоени, но комплементарни процеси.
Спасовски на средбата го информирал Вархеји за работата на техничката Влада и за активностите што се преземаат за организирање на фер демократски и слободни предвремени парламентарни избори.
Прес-конференцијата се одржа по средбата на делегацијата на Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија на Европската комисија, предводена од Вархеји, со владина делегација во која покрај премиерот Спасовски, беа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерката задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори Мила Царовска, шефот на дипломатијата Никола Димитров, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.
Еврокомесарот Вархеји претходно оствари средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, а како што е најавено ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на СДСМ Зоран Заев, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
МИА/Фото: МИА