еМагазин
Image default
Македонија

(Видео) Заев побара проверка на имотот на судиите и обвинителите, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека го урнал правниот систем

Прмиерот Зоран Заев во видео-обраќање во јавноста рече дека изминативе две и пол години се покажало дека судството остана последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции.

„Овие последни упоришта на „заробената правда“ продолжија да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт, овие таканаречени Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата.

Ова мора да престане веднаш! Правосудството мораме да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за да можат чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните.

Антикорупциската комисија, токму сега врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата, започнувајќи од мене. И тоа е сосема во ред.

Затоа, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш“, изјави Заев.

Тој додаде дека извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотите и парите, на обвинителите, судиите, и нивните семејства.

Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе.

„Ги повикувам Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите. Мораме да обезбедиме правосудство кое одлучува, а не правосудство кое застарува предмети! Мораме да го прочистиме судството од непрофесионалните, неажурните и корумпираните!

Истовремено, најавувам дека преку институциите ќе започнеме контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство.

Владата ја повикува и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Согласно законските одредби за јавност, Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од Европската Комисија, да бидат достапни во аудио верзија. Време е судството да се соочи со јавноста!

Почитувани граѓани, ова прочистување ќе овозможи правда да може да носат само праведни судии, а не кочничари на правдата.

Пред граѓаните ветивме правда! Му дадовме шанса на судството, а од таму до сега немаше резултати. Затоа, судството ќе мора да се соочи со граѓаните, да се прочисти од нечесните и да се промени!“, изјави Заев.

На неговото обраќање реагираа од ВМРО-ДПМНЕ со став дека Заев го руинирал правниот систем преку уцени, закани и поткупувања.

„Заев треба да ги тргне неговите валкани раце од правосудството.Заев е кочничар на правосудниот систем во Република Македонија. Откако Заев дојде на власт царува криминалот.

До каде се истрагите во обвинителството за сите оние криминалии којшто се поднесени обвиненија од страна на ВМРО-ДПМНЕ и од страна на граѓаните за актуелни случаи. Зошто не се поведе да се види до каде е случајот „Рекет 2“ во обвинителството, до каде е „крвави тендери“, до каде е „изборниот поткуп“, до каде се сите оние поднесоци, до каде е „Леонардо“, до каде е „Тополки“, до каде е ДКСК со истрагата за „Глобал“ којшто сама го отвори за Зоран Заев.

Нема подобар пример за функционирањето на Кацарска судството и Русковска обвинителството од начинот на кој што ја водат истрагата за случајот „Рекет“. Заев не го интересира Македонија и иднината на нејзините граѓани. Заев го интересира личното богатење и заштитата на криминалот.

Ова не е правна држава. Ова мора да се смени и ќе се смени откако криминалот и корупцијата ќе бидат поразени на 12-ти април“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Фото/Видео: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поради неносење маска казнети 382 граѓани, 22 казни за прекршување на полициски час

Редакција

Има осомничени лица за дојавите за бомби во скопските училишта, вели Спасовски

Редакција

Заев во одбрана на Рашковски: Пред фактите и Боговите молчат

Редакција