Владата на денешната седница го задолжи АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да почне процес за потпишување на договорите за реализација на Меморандумот за разбирање склучен помеѓу ЕСМ и Гастрејд С.А врзани со проектот Терминал за течен гас во Александропулос, Република Грција, информираат од владината прес-служба.
Со овие договори и преземени обврски, посочуават од Владата, Терминалот за течен гас во Александропулос ќе обезбеди сигурно и долгорочно снабдување со течен гас за потребите на Македонија.
Со одлуката, како што прецизираат, почнува процес за реализација на меѓународна инвестиција, која е првиот чекор кон реализирање на стратешките цели за енергетска независност, сигурност и безбедност и фокус на алтернативни извори на гас.
-Владата, преку АД Електрани на Северна Македонија отпочна процес на за резервација на капацитети за природен течен гас во ЛНГ Терминалот Александропулос, Република Грција што ќе овозможи зголемување на сигурноста во снабдување со природен гас за граѓаните.
Реализацијата на оваа инвестиција потенцијално ќе значи отворање втора рута, односно снабдување на Република Северна Македонија со течен гас од други земји, покрај моменталниот снабдувач.Ова ќе значи потенцијално зголемување на капацитетот за дотур на гас во земјава, би влијаело врз либерализацијата на пазарот, а со тоа и врз конкурентноста на цените.
Покрај сигурното и долгорочно снабдување со природен течен гас за граѓаните на Северна Македонија, се очекува и да се зголемат и инвестициите во гасификацијата.
Имајќи ја предвид денешната енергетска криза во Европа и кај нас, ова е конкретен чекор која треба да даде резултати во стабилизација на снабдувањето со енергија во Република Северна Македонија, наведуваат од Владата.
Посочуваат дека реализацијата на овој проект, кој е прогласен за проект од посебен интерес на Европската Унија за природен гас и за кој Европската комисија одобри поддршка, обезбедува ефикасна интеграција со други важни проекти за инфраструктура на природен гас на регионалниот пазар.