еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Во следниот период би требало да гледаме сé помалку пациенти во болниците и сé помалку починати

Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој редовно на Фејсбук ја анализира состојбата со ковид во Македонија.

“15.02.2022. На една од телевизиите денеска кажаа дека не гледале намалување на дневните броеви на смртни случаи.

Навистина чудно, бидејќи со еден поглед на 7-дневната подвижна средина на дневниот број на починати (портокаловата линија на првиот дијаграм), станува јасно дека врвот на смртните случаи бил постигнат помеѓу 31.01.2022 и 06.02.2022, односно средно околу 03.02.2022.

Овој врв бил постигнат околу 10 дена после врвот на новозаразувањето од 24.01.2022.

Од други, странски анализи знаеме дека смртниот исход настапува просечно 18,5 дена по првите симптоми, што значи дека кај нас дијагностицирањето (особено кај починатите) било прилично задоцнето, околу 8,5 дена по првите симптоми – освен ако кај нас се умира побргу од 18,5-дневниот просек.

На вториот дијаграм сината линија ни покажува дека е надминат и врвот на хоспитализациите, па во следниот период би требало да гледаме сé помалку пациенти во болниците и секако сé помалку починати.

Инаку, врвот на активните случаи настапил порано поради значително скратеното време за затворање на случаите согласно новиот алгоритам.

Од дијаграмот на третата слика се гледа дека веќе извесно време, поточно откако Омикрон сојот станал доминантен, стапката на леталитет (процентот на починати во однос на бројот на дијагностицирани) изнесува околу 1,7%, односно двојно помалку од претходниот долгорочен просек од 3,5%.

На тој начин имаме речиси совршено поклопување со раните прогнози за дневниот број на починати веднаш по пристигнувањето на Омикрон сојот.

Тогаш рековме, врз основа на податоците од ЈАР и Велика Британија, дека при двојно помал леталитет и двојно повисок дневен број на нови случаи бројот на починати би требало да биде ист како и од Делта сојот, односно 20-30 починати дневно.

Навистина, на врвот од бранот имаше просечно 27,4 починати дневно и од тогаш овој просек се намалува.

Намалувањето на дневните броеви на починати веќе започнува постепено да ја израмнува (да ја доведува во хоризонтрала) кривата на кумулативниот морталитет, т.е. вкупниот број на починати, прикажана на четвртиот дијаграм.

Тука гледаме дека бројот на починати од Омикрон сојот би требало да биде најмал во споредба со броевите од сите претходни бранови, т.е. соеви.

Вакцинацијата и прележувањето го прават своето, па во евентуалните наредни бранови од нови соеви би требало да има сé помалку починати.

Независно од тоа, воопшто не можеме да бидеме задоволни од овој црн биланс, затоа што во одделна анализа за одвишната смртност, ќе видиме дека сме на самиот светски врв“, пишува Трајковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф. Трајковски: Просечно, потребно е да се вакцинира 21 лице постаро од 60 години, за да се спаси животот на еден од нив годишно.

Проф. Трајковски: Најголема е користа од вакцинација на претходно непрележани лица

Проф. Трајковски: Благодарение на вакцините се спасени околу 5.700 животи, можеа да бидат уште 2.100 од починатите

Фото: Трајковски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е судијата Исамедин Лимани, кој е избран за член на Судскиот совет

Редакција

Собранието ќе се распушти на 11 февруари

Редакција

Најниски нето-плати во јануари

Редакција