Владата денеска усвои програма за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со тешка и најтешка телесна инвалидност, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица за 2021 година.
„Оваа програма има за цел да овозможи полесен пристап до автомобил на овие корисници, а со тоа и нивна полесна мобилност и социјална вклученост во заедницата“, се наведува во соопштението од 38-мата владина седница.
Покрај ова, на предлог на Министерството за труд и социјална политика на денешната седница на Владата се усвоени и предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2021 година, како и предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2021 година.
„Со оваа програма се уредува финансирањето за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2021 година, како и изградба и опремување на градинки за деца, како дел од капиталните проекти и како дел од стратегијата за инвестиции во детската заштита и во раниот детски развој и грижа за социјално ранливите категории“, информира владината прес-служба.