еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Скопјано од утре ќе имаат парно, велат од Регулаторната комисија за енергетика

Исполнети се сите предуслови за нормално започнување на грејната сезона во Скопје од 15 октомври. Утре ќе бидат топли радијаторите на сите скопјани кои се приклучени на централно греење.

Тоа, како што кажа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски на денешната прес-конференција, е овозможено со доделените три лиценци за продажба, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија во град Скопје на денешната главна седница на РКЕ.

-Денеска донесовме три одлуки за вршење на енергетски дејности од делокругот на топлинската енергија. Лиценца за извршување на дејност регулирано производство на топлинска енергија до 30 април 2023 година доби ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје, лиценца за дистрибуција на топлинска енергија во траење од 35 години доби ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, а лиценца за снабдување со топлинска енергија во траење од 10 години доби ЕСМ снабдување со топлина, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека РКЕ во текот на вчерашниот ден ги добила последните неопходни документи за издавање на лиценците – Дописот со кој ПУИГ ги известил дека е раскинат договорот помеѓу ПУИГ и БЕГ дистрибуција и Доказот за бројот на вработени во ЕСМ продажба кои ќе работат на регулирано производство на топлинска енергија.

-Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови кои се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври со што греењето ќе започне од утре. Ќе важат и понатаму сите критериуми и параметри кои важеа од претходно, односно загарантираната температура ќе биде 21 степен Целзиусов, а ист како и претходно ќе биде и периодот на започнување и завршување на греењето, прецизира Бислимоски.

Посочи дека во Белград и во Италија за една недела е одложено започнувањето на грејната сезона, а во повеќето земји максималната температура која се гарантира е 19 степени Целзиусови.

Вети дека РКЕ ќе направи се што може за да се набави соодветно гориво за да има непречено одвивање на грејната сезона. Појасни дека РКЕ дополнително побарала во наредниот период да се преземат одреден број на вработени од БЕГ, кои не биле преземени од ЕСМ и за тоа добиле ветување дека ќе биде направено. Со тоа грејната сезона, како што кажа, ќе започне со добра екипираност.

-Го повикуваме ЕСМ да работат во оптимални режими на работа со цел да се намалат трошоците за гориво, а граѓаните да се придржуваат кон мерките за штедење, потенцира Бислимоски.

Нагласи дека скопјани ќе имаат парно греење без разлика дали ќе работи ТЕ-ТО или не.

-До 2012 година сите потреби на Скопје ги задоволуваа топланите Исток и Запад, а и од 2012 година кога беше вклучено ТЕ-ТО имаше подолги периоди кога не работеше когенеративната електрана, бидејќи не им одговараа пазарните услови при што немаше никакви проблеми во снабдувањето со топлинска енергија во град Скопје, рече Бислимоски во одговор на прашање.

Сепак, потенцира, добро би било да работи ТЕ-ТО.

-Пресметките се правени дека ТЕ-ТО ќе работи со 70 проценти во просек во текот на грејната сезона, а 30 проценти да се добиваат од топланите. Во октомври  и ноември не е проблематично од тој аспект заради очекувањата дека ќе имаме нешто повисоки температури од вообичаените.

Затоа работењето или не работењето на ТЕ-ТО нема да создаде никаков проблем. Како што има трошоци признати за ТЕ-ТО така има и за набавка на природен гас.

Верувам дека ќе се најде природен гас по разумна цена за да може и ТЕ-ТО да работи пред се за производство на електрична енергија која ќе им помогне на македонските компании кои се на отворениот пазар, а дополнително да помогне и за порелаксирана ситуација во снабдувањето со топлинска енергија, потенцира Бислимоски.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерството за правда ќе бара екстрадиција на убиецот Игор Спасов од Бугарија

Редакција

Шилегов не престанува да не засмејува, Скопје еден од најзагадените градови во Европа кандидат за најзелен европски град

Редакција

Во блок-трансакција продадени акции од „Оилко“ за 268.000 евра

Редакција