Во Прилеп денеска се регистрирани осум новозаболени лица од коронавирусот, информираат од локалната самоуправа. Во самоизолација се наоѓаат 284 лица, а во изминатото деноноќие, евидентирано е едно нарушување на полицискиот час.
На инфективното одделение од прилепската болница се хоспитализирани 17 лица позитивни на Ковид-19 и сите се со стабилна клиничка слика. Во делот за изолација се наоѓаат четири пациенти, двајца од нив се негативни на корона вирусот, а на другите двајца земен им е брис и се чекаат резултатите.
Веднаш по почетокот на забраната за движење на граѓаните во 15 часот, ќе започне акцијата за дезинфекција на сите улици и јавни површини во градот.
Акцијата ќе ја спроведуваат волонтери од Прилеп и од населените места, кои со триесетина трактори опремени со прскалки, ќе ги дезинфицираат улиците во сите населби во градот, вклучувајќи ги и тесните улици во кои цистерните на јавните комунални претпријатија немаат пристап.
Градските власти ги замолуваат граѓаните да ги отстранат возилата од јавните површини и да ги паркираат на соодветни места, за непречено движење на возилата за дезинфекција и за поголема ефикасност на акцијата.
Акцијата ќе продолжи и утре од 10 часот. Триесетина волонтери ќе ги дезинфицираат влезовите и јавните површини пред сите колективни станбени згради.
МИА/Фото: Општина Прилеп
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Повеќе се жени: 44,5 години просечна возраст на заболените од коронавирусот во Македонија
222 здравствени работници во Македонија заболени со коронавирусот, 37 оздравени
Хоспитализирани биле/се само 21,3% од заболените од коронавирусот во Македонија