Во Клиничката болница во Тетово вчера починал 62-годишен пациент, кој бил заразен со Ковид-19, иако претходно примил две дози од вакцината на „Синофарм“.
Починатиот освен што бил позитивен на Ковид-19 имал и други заболувања.
Раководителот на Ковид – центарот во Тетово, д-р Гзим Нуредини изјави дека втората доза од вакцината на „Синофарм“ пациентот ја примил на 6 јуни, но имал и коморбидитети меѓу кои хронична бубрежна болест, кардиомиопатија и хипертензија.
-Пациентот починал вчера. Не сакаме со овој случај да ги уплашиме другите лица кои имаат коморбидитети и ова да им послужи како изговор да не се вакцинираат. Овој случај е малку тешко да се објасни.
Познато е дека вакцинираниот може да се инфицира и да биде позитивен и на брис и на клиничка слика. Во овој случај имавме пациент кој имал хронични бубрежни проблеми, хипертензија, а воедно бил и позитивен на тест и сето тоа го правело како тежок пациент.
Сепак ова не треба да се земе како правило дека секогаш ќе се случува и не треба да биде демотивирачки момент за другите пациенти кои имаат по две или три хронични болести.
Ние очекуваме и во наредниот период да имаме ковид позитивни пациенти кои во меѓувреме се вакцинирале. Освен овој случај, имаме уште една пациентка на 37-годишна возраст, која исто така била вакцинирана. Таа иако има и ендокринолошка болест, а поради тоа што е позитивна на Ковид-19 пратена е кај нас.
Денеска во Клиничката болница на лекување има седум пациенти, освен оваа пацинтка која примила две дози, другите шестмина не биле вакцинирани, изјави д-р Нуредини.
Според д-р Нуредини, сега е потребно стручните лица да се огласат и да го кажат своето стручно мислење за ваквите случаеви за тие да не се искористат како агумент против вакцинирањето на лицата кои имаат хронични болести.
Засега од Ковид – центарот во Тетово немаат информација со кој сој на Ковид-19 бил заразен починатиот пациент.
МИА/Фото: МИА