еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Фото) „Во време на криза, да се собираме и да си зборуваме за книги,“ порача светски познатиот бугарски писател, Господинов во Скопје

„Патував многу низ Европа, она што го гледаме е дека во време на криза, луѓето имаат потреба да се собираат, да се заедно еден со друг, и да си зборуваат за книги. Тоа е прекрасно, значи има надеж.“

Ова пред македонската публика, меѓудругото го рече, Георги Господинов, еден од најпреведуваните бугарски писатели, на промоцијата на неговиот најнов роман „Засолниште во времето“ кој излезе кон крајот на 2021 година, во издание на ИЛИ-ИЛИ, како дел од проектот „Европска литература зачувување на солидарноста во заканувачки  контексти“ во рамки на програмата „Креативна Европа“, со поддршка на Министерството за култура.

И не можеше поточно да ги опише чувствата на присутните во киното „Фросина“ во МКЦ вечерта на 1 декември, она што тој го нотирал низ патувањата во Европа.

Радоста да си поприкажеме за книгите, да се слушнеме едни со други,  да се слави убавината на пишаниот збор и сето тоа низ меѓусебната комуникација, очи во очи, далеку од социјалните мрежи, во рамките на еден литературен настан, како душевен празник.

„Има криза на зборување и затоа е прекрасно што вечерва си зборуваме овде. Мора да се сакаме или да умреме, мора да си зборуваме или да умреме, да си зборуваме. Благодарам што сте овде, тоа е најважното за еден писател. Писателот работи во самотија, и еднаш во четири години, кога ќе ја напише книгата, ќе излезе и ќе ги види очите на читателите,“ изјави Господинов пред публиката, која по завршувањето на промоцијата, во редици чекаше за потпишување.

А, тој посветен, со секој од присутните збор-два муабет. Личен однос, почит кон читателот, мерак време од пет-шест минути.

Кога некој политичар ќе се обиде да внесе цел народ, цело општество, цела нација во подрумот на минатото, тогаш минатото станува опасно

Романите на Господинов, „Физика на тагата“, „Природен роман“, „Засолниште на времето“ се поврзани со три различни природни науки. Во однос на поврзаноста помеѓу науката и литературата, тој смета дека може да си бидат од помош една на друга.

„За мене литературата и науката, не се различни нешта. И двете користат едно исто нешто, јазикот. Без јазик, нема ниту наука, ниту литература. За мене, многу е интересно да ја видам науката, од гледна точка на писател. Тоа ми дава многу идеи,“ изјави Господинов.

Во однос на „Засолниште во времето“, романот е поврзан со медицината, односно со болеста деменција. Алцхајмеровата болест, во неговиот роман е употребена како метафора.

„Требаше да прочитам многу нешта за болеста, пред да го напишам романот. Тоа е болест, која се развива најбрзо. Не заради друго, туку заради тоа што населението старее прогресивно. Сите ние живееме подолго и цената која ја плаќаме, ќе биде таа. Докажано е дека над 85 години, постои 50 проценти веројатност, луѓето да се сретнат со таа болест. Од Алцхајмер, во моментов тешко страдаат 70-80 милиони луѓе во светот, колку една држава како Германија, Полска. На секои три секунди некој се разболува.

Но, она што беше важно за мојот роман е, прашањето, дали има некаков Алцхајмер и на општеството, некаков социјален Алцхајмер? Дали значително започнуваме да забораваме некакви нешта? Парадоксално, колку повеќе забораваме, толку повеќе живееме во минатото. Паметта ја држи таа црвена линија, и тој оган кој гори, и го држи минатото на страна.

Има лично минато, има колективно минато. Секој од нас влегува во подрумот на минатото, и тоа е нешто многу нормално и човечки. Јас многу сакам, кога се навраќам кон минатото. Но, добро е кога влегуваме и излегуваме, да не ја заклучуваме таа врата од внатре. Да ја оставиме вратата отворена, за да можеме да се вратиме.

Проблемот со оние кои вистински страдаат од Алцхајмер е што не можат да се вратат.

Но кога некој политичар ќе се обиде да внесе цел народ, цело општество, цела нација во подрумот на минатото, тогаш минатото станува опасно. Затоа го напишав овој роман,“ изјави Господинов.

Пири Реис на нашето време

Промоторката Оливера Ќорвезироска (писателка, книжевна критичарка и книжевна уредничка) на промоцијата на „Засолниште во времето“ рече дека Георги Господинов е Пири Реис на нашето време, отомански адмирал и картограф на меѓата меѓу 15 и 16 век, прославен по цртањето на мапата на светот што не го знаел, каде што не бил.

„Пири Реис и Георги Господинов се чудесните мистични морепловци, творци на совршени мапи на сè уште неоткриени континенти. Со мапите на Пири Реис бил опседнат Ататурк, со мапите на Господинов сме опседнати сите негови читатели.

Како што Пири Реис цртал прецизни мапи на непознати земји, така Господинов првин го измислува, а потоа и го населува својот Континент на минатото. Пири Реис во современата македонска книжевност го оживеа Александар Русјаков во романот „Хотел меѓу две војни“ за неслучената љубов на Кемал Ататурк и Елени Каринте, Георги Господинов во современата светска книжевност со своите книги го оживеа минатото на нашите неслучени и заклучени сегашности,“ рече Ќорвезироска.

Таа во својот осврт кон делата на Господинов, го наметна прашањето дали романот „Засолниште во времето“ се зачнал во романот „Физика на тагата“ со ракописот на децениите и бегството во времето на Гаустин. ( лик во романот, н.з).

„Можеби да, можеби не, но непореклив факт е дека бегањето низ времето на Гаустин во „Физика на тагата“ е бегање на болните од Алцхајмер низ времето во „Засолниште во времето“, но бегање и на здравите и на цели држави во своите некогашни најубави времиња. Она што го прави Гаустин во „Физика на тагата“, во „Засолниште во времето“ им го овозможува на другите – болни, здрави, ликови или држави,“ вели Ќорвезироска.

Промоторката Калина Малеска, (универзитетска професорка, писателка и теоретичарка)  истакна дека „Засолниште во времето“ е необичен, реалистичен, утописки роман во кој раскажувачот е и главен лик, но и само присуство во позадината.

„Сеќавањето има необично влијание врз нас, истовремено не теши и не вознемирува, го поврзува нашето лично минато и општата историја од која сме дел со нашата сегашност и со можноста да ја контролираме својата иднина.

„Засолниште во времето“ на Господинов е роман во кој се истражуваат овие карактеристики на сеќавањето. „Засолниште во времето“ е исто така и роман кој навлегува длабоко во процесот на бришење на сеќавањето, попознато под поимот заборавање.

„Засолниште во времето“, меѓу многу други нешта, е роман за минатото, за носталгијата, всушност за самиот концепт на времето, и за личните приказни и за општествените промени, кои истовремено се фатени во бурите на времето и кои се обидуваат да најдат засолниште во и од времето. Составен е од пет различни поглавја, кои се надоврзуваат по хронологијата, но се судираат во идеите,“ рече Малеска на промоцијата.

Како бе мене не ми текна, ова да го напишам

Преведувач на делата на Господинов, во Македонија е Душко Крстевски. На промоцијата истакна дека со делата на овој бугарски автор се запознал преку преводите на Никола Маџиров.

„Имав среќа, Никола Маџиров веќе да има преведувано нешто од Господинов, и така се запознав со неговото дело. Откако ја прочитав литературата преведена од Маџиров, сфатив дека се работи за писател кој супер се чита, најпрвин како превод, а потоа и во оригинал.

Кога добив покана од ИЛИ ИЛИ за да ја преведам „Физика на тагата“, ми беше преголема чест, бидејќи веќе го имав читано тој писател. Му ја знаев поетиката, ме интересираше, и преводот не го сфаќав како обврска, туку како задоволство. Задоволство кое оди ден по ден, работиш, читаш, пишуваш.

Многу е убаво кога се преведува Георги Господинов затоа што многу повеќе се преведува содржината, и не ги бараш зборовите во речник. По тоа ќе препознаеш добар писател. Затоа што лошите писатели, ги бараш цело време во речникот. Секој збор што значи, како се преведува.

Кај Георги Господинов го имаш оној другиот момент, читаш, читаш, читаш и си викаш, „како бе мене не ми текна ова да го напишам,“ истакна Крстевски.

П.С

Господинов е еден од моите омилени писатели. На потпишувањето му велам „со  реченицата „И тогаш минатото тргна да го освојува светот“, која што се наоѓа на корицата на „Засолниште во времето“, не можевте подобро да ја опишете сегашноста. И да го потврдите вашето визионерство како автор.

Фото: emagazin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продавниците во Солун ќе затвораат порано за да заштедат струја

Редакција

Пукано во градоначалникот на Арачиново, рането едно лице

Редакција

Со големо мнозинство германскиот Бундестаг изгласа почеток на преговори меѓу Македонија и ЕУ

Редакција