еМагазин
Image default
Македонија

Вработен во Собранието за насилството на 27. април: Се сокривме позади плакар, на раководителката и дадовме дијазапам

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев го одби барањето за изземање на судијката Добрила Кацарска од постапката за настаните во Собранието на 27 април минатата година.

Кацарска на продолжението на рочиштето попладнево му го достави решението на адвокатот на пратеникот Јохан Тарчуловски, Антонио Апостолски, кој побара нејзино изземање, бидејќи се сомнева дека таа е во роднински врски со некој од оштетените во предметот.

По паузата што беше дадена поради барањето за изземање, судењето попладнево продолжи со сведочење на пратеникот Ферид Мухиќ.

Претходно, за настаните од 27 април минатата година сведочеше Сашко Коцевски, вработен во Собранието задолжен за електронскиот систем, вклучување на микрофоните и на системот за гласање.

Тој рече дека собраниската седница тој ден имала нормален тек се додека тогашниот претседател Трајко Вељаноски не му дал збор на пратеникот Зекирија кој ја интонирал химната на Албанија што ги вознемирило пратениците од опозицијата и дел од мнозинството.

Потоа Крсто Мукоски побарал збор и ја интонирал химната на Македонија, а процедурално збор побарале пратениците Томислав и Илија Димовски, но не добиле, по што Вељаноски ја прекинал седницата. Сведокот ги слушнал пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како разговараат дека не треба да се дозволи гласање доколку СДСМ сака да избере претседател на Собранието.

Полицаец од обезбедување му рекол да го исклучи системот за гласање и да ја напушти седницата, а тоа, како што наведе Коцевски, не е практика на Собранието.

Тој отишол во техника и го прекинал снимањето, но камерите останале вклучени поради праксата се додека има пратеници во пленарната сала, тие да се вклучени. Случувањата во салата ги следел од мониторите, но без тон.

Коцевски рече дека бил член на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година, а за време на случувањата на 27 април добивал пораки на вибер што се случува надвор, а тој, пак, ги известил дека внатре е хаос и дека Талат Џафери е избран за претседател. Полицаец им кажал да се заклучат во собата за режија бидејќи во Собранието влегле многу луѓе од надвор.

Слушнале трескање на вратата им викале „отворете комуњари” раководителката се уплашила, по што и дале дијазапам и се сокриле позади плакар… по некое време се јавил секретарот на Собранието Жарко Денковски кој прашал дали работи техниката за снимање и не прашал ниту дали се живи и дали им треба нешто.

На прашање на обвинителката Вилма Русковска за неговото учество во протестите тој рече дека „ние како партија работиме како војска и добивавме насоки од месните комитети за поддршка на протестите против тиранската платформа”.

Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мицкоски засега е единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

Одбраната на обвинетите за насилството во Собрание тврди дека предметот е политички мотивиран

Редакција

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го реафирмира ставот да не се менува Уставот под бугарски диктат

Редакција