Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното јавно обвинителство денеска поднесе кривична пријава против Н.Л., вработена во Отсек за управни работи Штип за Виница, осомничена дека сторила кривично дело „проневера во служба“ по член 354 став 5 вв став 1 и 2 вв чл.45 од Кривичниот законик.
– Н.Л. во својство на службено лице кое врши работи од јавен интерес, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, во периодот од јануари – мај 2023 година, во повеќе наврати присвоила пари доверени во службата, така што барала од граѓаните – баратели на услуги за издавање на лични документи, да ѝ дадат пари на рака при поднесување на барање за издавање патна исправа и лична карта, под изговор дека можноста за плаќање на пос – терминалот со платежна картичка во моментот не е во функција.
Притоа, таа го искористувала нивното непознавање на законските прописи во МВР, а доверените пари си ги присвојувала, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 600.000 денари, на штета на буџетот на РСМ, се појаснува во денешното соопштение од МВР.
Воедно, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе покрене постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а вработената ќе биде суспендирана од работното место до завршување на дисциплинската постапка.