Скопска фирма за 21,5 милиони денари станува сопственик на движниот имот на ски-центарот Кожув, кој седум години е во стечај, пренесе Сакам да кажам.
Ова е одлука на Собранието на доверители на ски-центарот, кое се одржа вчера во Основен суд Велес.
Со продажбата се опфатени системот за правење снег, ски-лифтот, шестседната жичница, која беше прва таква на Балканот, возилата за поправка на ски-патеките, три ратрак возила, возило за чистење снег и други придружни возила, пишува Сакам да кажам.
„Проценетата вредност на центарот беше 173,87 милиони денари, а беше купен за 21,5 милиони денари, што е 12,46 отсто од проценатата вредност. Изминатите години имаше 11 заинтересирани купувачи, но не и конкретни понуди.
Моравме да ги разделиме движниот и недвижниот имот, оти десет години не работи и пропаѓа. Останува надежта дека сега ќе се јави и заинтересиран купувач на недвижниот имот, а тоа е земјиштето на ски-центарот“, објасни стечајниот управник Богољуб Макревски.
Фото: Ангел Наков/Фејсбук