Иницијатива во форма на петиција за воведување на евтина тарифа на струјата во текот на целото деноноќие се шири по социјалните медиуми. Голем број лица ја споделуваат оваа петиција, бидејќи заради мерките преземени од Владата за спречување на ширењето на корона вирусот, граѓаните го поминуваат најголемиот дел од денот во своите домови.
„Имено, задолжителноста на самоизолацијата, подразбира задолжително останување дома во текот на речиси целото деноноќие. Тоа значи повисоки режиски трошоци, односно повисоки сметки за струја, вода, греење и слично.
Затоа бараме од Владата вонредната состојба да ја искористи преку донесување низа уредби со законска сила за помош на населението преку социјални трансфери. Но, пред да се донесат истите, неопходни се итни мерки кои треба да се донесат веднаш!
Во прв ред тоа е воведување евтина тарифа за струјата во текот на целото деноноќие, а со цел да се спречи негативниот економски ефект на самоизолацијата – зголемени износи на сметките за струја. Сметаме дека оваа мерка може да се донесе веднаш!“, пишува во Иницијативата која се споделува и во приватни пораки.
Сепак, промената на времетраењето на евтината тарифа за струја е одлука која ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Експертите објаснуваат дека не се работи за мерка која брзо може да се имплементира. Имено, кога пред две години се менуваше времетраењето на евтината тарифа, беа потребни неколку месеци, да се ресетираaт сите броила поединечно.
Технички е невозможно итно воведување на ефтина тарифа во одреден временски период на сите 800 илјади корисници во исто време. Тоа подразбира интензивна работа на терен со директно пристапување и интервенција на сите броила во државата.
Во услови на епидемија и опасност од ширење на заразната болест оваа мерка дополнително е тешко да се имплементира, бидејќи и вработените и граѓаните ќе бидат изложени на дополнителен ризик од зараза.
Заради опасноста од ширење на корона вирусот и посебните мерки што ги предвидува Владата за социјална дистанца и изолација, ЕВН веќе информираше дека вработените нема да ги читаат броилата во овој период, а корисниците ќе добијат сметки со претпоставена вредност односно просекот од последните 12 месеци.