Доктор Нико Беќаровски, кој е нов член на Комисијата за заразни болести, вчера присуствувал на конститутивната седница и на неговиот Фејсбук-профил се произнесе за неговиот нов ангажман.
„Членството во оваа Комисија преставува укажана чест, уште поголема обврска, но како и се друго во нашата држава и спремност за многубројни навреди, дискредитации, закани, итн.
За сите „душегрижници“ кои тврдат дека сме платеници веднаш да ги разочарам, бидејќи членувањето во Комисијата е без никаков паричен надомест и е доброволен ентузијазам на 26 доктори, кои во рамките на своите можности и знаење, ќе пробаат да формулираат препораки и совети до министерот како побезболно да се пребродат сите предизвици од пандемијата.
Со оглед дека се работи за лекари од различна специјалност, со различно клиничко искуство, со различни видувања на актуелната состојба, нормално е во работата на Комисијата да има голема дивергентност во дискусиите, борба на мислења и идеи, препораки кои ретко кога ќе се носат со консензус, но искрено се надевам дека ќе бидат во интерес на јавното здравје.
Моите ставови и погледи за пандемијава кои многупати јавно ги споделував, од денес ќе пробам да ги образложувам и бранам, пред моите колеги од Комисијата и се надевам дека барем за дел од нив ќе наидам на разбирање, или пак на мое неодложно повлекување од Комисијата.
Сите добронамерни совети, стручни укажувања од секој од Вас, а посебно од сите здравствени работници, ќе ми бидат повеќе од добродојдени и Ви ветувам дека ќе бидат презентирани пред другите членови.
Како и досега, така и од сега, ќе се трудам на што повеќе луѓе да им одговорам на прашањата кои ги поставуваат, пред се во Ковид-19 групата,“ пишува Беќаровски на неговиот Фејсбук-профил.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кои се новите членови на Комисијата за заразни болести
Петличковски е нов претседател на Комисијата за заразни болести, а Мехмедовиќ портпарол
Фото: Фејсбук/Беќаровски