Премиерот Зоран Заев денеска најави дека, иако Стојко Пауновски е негов личен исклучително добар пријател, ќе побара од службите на Владата да го разрешат. Смета дека за тоа постои основа и очекува да биде покрената постапка.
Недозволиво е, рече Заев, секој ден преку медиумите некој да води полемики со потпретседателот на Владата, а сега веќе и со премиерот. Тоа е пркос што не е дозволен. Во Владата има хиерархија и се знае како треба да функционира.
„Не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените за нешто толку транспарентно и воспоставено на одлични, искрени основи – самите институции да дадат фидбек. Ако нема систематизирано место или не може да се систематизира, не мора да се прими никој.
Но, народот очекува од нас ова да го решиме зашто поминуваат години, се плаќаат луѓе, а не работат ништо. Сериозно е тргнат процесот за распредлеба на тие луѓе“, нагласи Заев.
Соопштувајќи ги актуелните бројки за „рамковните“ вработувања, премиерот рече дека 1.349 луѓе биле дел од процесот, 1.182 прифатиле распоредување во институциите, 38 одбиле и одат на трансфер листа, додека 13 сами дале отказ.
„Вкупно 87,62 отсто е вкупно успешен планот досега, 9,49 отсто дали оставка, 2,82 одбиле и 0,07 се пензионирани. Сите овие граѓани се наши, зимале плата, а не работеле ништо и треба да ги распоредиме.
Побаравме секоја институција да влезе во рамките на законот и да соработува со Владата за спроведување на овој план кој е дел од владината програма. И во некои други институции немаше примање целосно, но секој ден да водите полемика со потпретседател на Владата, со претседател на Владата, со институциите, е пркос што не е дозволен.
Ние имаме целосна одговорност пред граѓаните и затоа поставената хиерархија мора да функционира успешно и професионално. Се работи за мој исклучително добар пријател, Стојко Пауновски, но го кажувам тоа што е принцип“, објасни Заев, додавајќи дека ваквиот однос на Пауновски е доволна основа за негово разрешување.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски рече дека и по цена да биде разрешен, нема да ги прифати сите 35 рамковно вработени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Поддршка на социјалните мрежи за Пауновски, кој му се спротистави на Заев за рамковните вработени
МИА/Фото: Влада