еМагазин
Image default
Македонија

Заев: Ние со Бугарите сакавме да бидеме браќа, ама тие одеднаш посакаа да ни станат татковци

Нашата земја гради пријателства со тоа што го создадовме Договорот за пријателство со Бугарија, изградивме пријателство со Грција, изградивме пријателство дома и со целиот свет и навистина сме земја која што важи за пример на градење на пријателство и нашиот народ е пријателски народ.

Тоа веројатно и на Бугарите им е јасно, ние немаме претензии, ние не се закануваме никому и градејќи го тоа пријателство градевме добрососедство и соработка со Бугарија. Тргнавме да станаме браќа и се движевме кон атмосфера да станеме браќа.

Многу често сум употребувал мој наратив заради искрената потреба да имаме одлична соработка, најдобро пријателство и се, дека ние сме браќа, треба да градиме пријателство, но наеднаш решија татковци да ни станат и тука е проблемот. Така што, обидувајќи се да градите братство, наеднаш решија нашите пријатели да ни станат татко, изјави премиерот Зоран Заев, во емисијата „Само интервју“, на телевизија Канал 5.

Тој се осврна и на македонскиот јазик и идентитет, кои, како што рече, никогаш не биле дел од преговорите со Бугарија.

„Сите ние имаме своја национална посебност, свои национални корени, сите ние имаме чест и достоинство, никаде во светот не се преговара за идентитет и јазик и ние не преговаравме.

Суштината на проблемот беше во историјата, затоа велиме често ниту на маса било идентитет и јазик, а впрочем и тие кажуваат реалноста ја прифаќаме вие зборувате македонски јазик и сте македонски народ, ама корените?“, рече Заев.

Според него, важно е каква историја се пишуваме денес, и по што ќе ги паметат новите генерации него и Бојко Борисов.

„ЕУ која што не не признава како Македонци со македонски јазик не ни треба, јас тоа го кажувам, бидејќи нашата желба не е да бидеме членка на ЕУ, туку да бидеме членка заради европските вредности.

Ние овде ги штитиме сите европски идентитети, Европа е должна да го заштити и афирмира нашиот идентитет, тоа и го прават сите 26 земји членки. Јас се обратив на својот мајчин македонски јазик во Европскиот Парламент каде што сите пратеници и дел од бугарските пратеници станаа и ракоплескаа, и тоа е признание на мојот македонски јазик и од страна на бугарските пратеници, тоа е исправно затоа што никако поинаку не би било својствено.

ЕУ за македонскиот јазик пишува низ годините внатре, и денес таа пишува, проблемот е што Бугарија сака да пишува македонски јазик согласно Уставот, зошто? Бидејќи досега ни е таква билатералната спогодба, бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија, македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија, што е само по себе една неразбирлива творевина која што е срам, уште го немаат тоа потврдено и затоа барам од Бугарија чисто признавање на македонскиот народ и македонски јазик, тоа го имаме, ама не, чекај да видиме корењата, историјата, историјата ја оставаме на историчарите“, рече Заев, зборувајќи за односите со Бугарија.

Тој додаде дека ако постои говор на омраза во двете држави тоа треба заеднички да се надмине, исто како и сите други отворени прашања, но со почит и со разбирање.

„Тие сакаат целосното нивно потврдување на нашиот македонски народ и македонски јазик како идентитески атрибути да го врзат со решавањето на проблемите од минатото и тука затоа зборуваат корените да ги утврдиме, минатото да го решиме, историјата да ја издискутираме.

Ние постигнавме договор за пријателство и низ тој договор утврдивме дека имаме заедничка историја, дел од историјата ни е заедничка, дел ни е нормално посебно. Низ вековите како што било имаме дел од нашата историја која што е заедничка.

На крајот, тоа е работа на историчарите, поважно е тоа за кое дискутиравме што правиме со таа историја што денес ја пишуваме, дали после 20 години на овие деца денес, кои ќе станат возрасни луѓе, ќе им оставиме трага дека Борисов и Заев не успеале да го решат, дека ги разделиле народите кои треба да бидат заедно во ЕУ, да бидат големи пријатели, да соработуваат повеќе, да отвораат економски перспективи, да спортуваат заедно, да има спортски, културни манифестации“, рече премиерот Заев.

Недозволиво е рече, еден народ на друг да му наметнува историја на сите и на крајот, тоа е работа на историчарите.

Додаде дека е уверен оти главна причина за таквиот настап на Бугарија се изборите.

„Пред изборите ние политичарите, не кажувам само за Бугарија, и за Македонија сме нерационални и навистина некојпат не знаеме и какви одлуки носиме. Јас многу често кажував не можам во суштина да сфатам што е проблемот. Значи, јас не гледам проблем овде.

Проблемот, сите знаат, тоа транспарентно се водеше, почна од долгото и краткото име, дали Република Северна Македонија е исто со Северна Македонија оти Северна Македонија постоела како можност да има територијални аспирации према Бугарија.

Секако дека нема територијални аспирации кон Бугарија. Ние сме пријателски народ и ние градиме пријателство насекаде и тоа ни е докажано. И тоа го решивме. Во НАТО како го решивме? Со нота го решивме дека Северна Македонија е исто што е Република Северна Македонија и таа нема никакви територијални претензии према Бугарија, ниту кон која било од соседните земји и секако на тој начин потврдивме дека и Северна Македонија се однесува на политичкиот субјект, на државата Република Северна Македонија“, истакна Заев.

Заедничка историја, додаде, не само Република Северна Македонија со Република Бугарија. Заедничка историја има целиот Балкан, заедничка историја има цела Европа.

„Не е заедничка ако е бугарска, не е заедничка ако е македонска. Заедничка е кога истовремено е и македонска и бугарска“, истакна премиерот Заев.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Полицискиот час не го почитувале 33 лица, приведени 18

Редакција

Медицински сестри од Инфективна поднеле отказ, Филипче ги убедува да останат

Редакција

Нови 365 случаи на Ковид-19 од 2.820 тестирања

Редакција