Бројот на починати лица во земјава лани е зголемен за 3,6 проценти во однос на 2018 година и изнесува 20.446.
Поголем број се од машки пол и тоа 10.616 или 51,9 отсто од вкупно починатите лица.
Просечната возраст кај починатите од машки пол изнесува 71,6 години, односно 76 години кај лицата од женски пол или се бележи за 4,4 години повисока просечна возраст кај жените, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Бројот на починати доенчиња изнесува 112, a нивното учество во вкупниот број починати лица изнесува 0,5 отсто на 100 умрени лица.
Според овие податоци, најголем број смртни случаи 2.027 има во месец јануари.
Како и во минатите години, најголемо учество имаат лица починати од болести на циркулаторниот систем и тоа во 51,8 отсто случаи од вкупно починатите, па потоа се случаите кај кои како причина за смрт се јавуваат неоплазмите и тоа во 18,6 отсто, па со 4,6 отсто се застапени случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичките болести, а случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем се застапени со 4.4 проценти од вкупно умрените.