еМагазин
Image default
Бизнис

Зголемувањето на минималната плата ќе биде оптоварување за компаниите, велат од Организација на работодавачи

Минималната плата и изработката на новиот Закон за работни односи беа главните теми на вториот регионален состанок оваа година, во рамки на проектот „Деловен појадок“ на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), замислен како процес на консултации од кој треба да произлезат предлози за подобрување на регулативата во областите кои се од интерес на работодавачите и бизнис заедницата.

„Како организација која ги застапува интересите на работодавачите повикуваме на исклучителна внимателност при лицитирањето со можноста за повторно зголемување на минималната плата.

Нашите анализи покажуваат дека секое ново зголемување на минималната плата само ќе ги зголеми трошоците и ќе предизвика дополнително оптоварување на бизнисот и затворање на голем број капацитети кои нема да можат да опстојат во и онака тешките услови за стопанисување предизвикани од пандемијата“, изјави претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска, потсетувајќи дека со последното законско усогласување од крајот на март оваа година, минималната плата во земјава се покачи до вредност од 50% од просечната плата, со што земјата ги исполни критериумите на ЕУ во оваа област.

„Платата мора да го следи растот на продуктивноста и секое наметнато покачување на истата без економска оправданост, нема да ги постигне посакуваните позитивни ефекти“, децидна е претседателката на ОРМ, Трајкоска.

Таа ги пренесе оценките на претставниците на бизнисот дека зголемувањето на минималната плата не го запре одливот на младите од земјата, туку напротив претставува демотивирачки фактор за квалитетниот и високостручен кадар кој се повеќе ги напушта домашните компании и заминува од земјата.

На состанокот, претставниците на бизнис секторот дебатираа и за процесот на изготвување на новиот Закон за работни односи, во кој Организацијата на работодавачи на Македонија активно партиципира, преку учество на нејзини претставници во работната група за изработка на законот во која членуваат и други претставници на засегнатите страни и експерти.

„Организацијата на работодавачи и во идниот период ќе се бори да добиеме јасен, разбирлив и прецизен Закон за работни односи кој од една страна ќе им обезбеди на работниците сигурна заштита на нивните права, но од друга страна нема да предизвика непотребни и долготрајни судски спорови и ќе ја задржи конкурентската способност на македонските компании“, истакна претседателот на Собранието на ОРМ, Ангел Димитров.

Од доставените предлози на ОРМ во процесот на изготвување на новиот Закон за работни односи, Димитров издвои неколку позначајни, меѓу кои се и предлозите за ослободување на работодавачите од одредени административни оптоварувања и процедури при вработување нови работници, како и предлогот за допрецизирање на одредбите со кои се дефинира кој може да ги застапува интересите на работниците и работодавачите во процесот на колективно договарање.

Притоа на состанокот се разговараше и за аргументите во врска со одредени предлози кои не се прифатливи за работодавачите, а кои се однесуваат на можноста од законско ограничување на бројот на вработените со договори за определено време во компаниите, за предлогот за скратување на законскиот рок на застареност при изрекување отказ од работа по вина на работникот и други предлози кои за претставниците на ОРМ можат да предизвикаат поголеми проблеми и дополнително оптоварување за бизнисот и намалување на неговата конкурентност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во 2021 „Макпетрол“ вработи 150 лица и за целиот тим на компанијата исплати повеќе бонуси

Редакција

„Кемет Електроникс“ ја проширува својата фабрика во Бунарџик

Редакција

Најавата од млинарите за откуп на пченицата за 9, 10 и 11 денари за килограм ќе доведе до колапс на производителите на жито, велат од ЗК Пелагонија

Редакција