еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

„Зоки Поки“ ја освои цела Скандинавија, но сепак нема да има втора сезона

ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе се гледа низ цела Скандинавија. Откако беше најавено дека серијата ќе се емитува на националните телевизии „SVT“ во Шведска и „NRK“ во Норвешка, пристигнува веста и за емитувањето на националните телевизии „DR“ во Данска и „YLE“ во Финска, информираат од продукцијата „Кино око“.

Емитувањето на овие четири национални телевизии значи потенцијал за огромна гледаност на „Зоки Поки“. За македонската кинематографија, пак, ова е успех од историско значење. „Зоки Поки“ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји.

Заслугата за меѓународното емитување е на дистрибутерот „Videoplugger“ од Лондон, кои силно веруваат во светскиот потенцијал на серијата, нејзината моќ да го збогати детскиот свет и да ја развие детската имагинација, особено во време кога нивните активности се значително намалени.

„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија.

ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануеле Галони, извршен директор на „Videoplugger“.

И покрај големиот интернационален успех на серијата, втората сезона на „Зоки Поки“ е во неизвесност.

„Многу се радувам што серијата ʻЗоки Покиʼ ќе се прикажува и на националните телевизии во Финска и Данска и со тоа го комплетира прикажувањето во цела Скандинавија. Ова е доказ дека во Македонија може да се продуцираат квалитетни дела кои ќе ги задоволат највисоките стандарди и критериуми за продукција на детска програма и дека македонските брендови се вреднувани и надвор од Македонија.

За жал овој голем интернационален успех не наидува на поддршка од институциите во Македонија кои имаат обврска да финансираат детска и образовна програма, па затоа серијата ʻЗоки Покиʼ нема да има продолжение.

Ова е голема штета за нашите деца кои се соживеаја со серијата и кои сакаат и понатаму да уживаат во авантурите на Зоки Поки и неговата дружина“, вели Роберт Насков, продуцент на серијата.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на официјалната веб-страница на серијата.

Фото: Кино око

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сите детали: Народната банка го објави решението за затворање на Еуростандард банка

Редакција

Починаа осум нови лица од Ковид-19, најмладиот е на 39-годишна возраст

Редакција

Видео обраќање на Заев до граѓаните за престојниот референдум: Ова не е избор меѓу две партии, туку избор за вашата иднина

Редакција