еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Зошто ги славиме македонските и сесловенски просветители, Светите браќа Кирил и Методиј

Наместо традиционално, со богата програма и настани, и оваа година, поради пандемијата со Ковид-19, поинаку ќе биде одбележан 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.

Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај.

На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Кирил на 27/14 февруари и на св. Методиј на 19/6 април. Но, подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, затоа што тие се родени браќа и затоа што заедно извршувале иста дејност.

Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени.

Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик.

Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик.

За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.

По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ.

Светите Климент и Наум делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Европската комисија уверува оти „францускиот предлог“ бил најдоброто можно решение

Редакција

Поранешниот управен судија Шахини осуден на 5 години затвор за злоупотреба на службената положба

Редакција

28-годишна медицинска сестра од Кичево почина од компликации со Ковид-19

Редакција