72% од работодавачите не можат да најдат соодветен кадар, а 220 милиони луѓе бараат работа, вели Дејзи Илариа, која работи како регрутер на кадри, меѓу кои и за големи компании како Филипс и Пејпл.
„Менаџерите се зафатени за да најдат капитал, ангажирани се да фатат чекор со новото време на вештачка интелигенција и имаат се помалку време, затоа и не знаат што бараат. Да ангажирате луѓе без опис на она што конкретно ви треба, е како да седнете во ресторан и да не знаете што сакате да нарачате,“ рече Илариа на нејзиното излагање на панел во рамките на Самит Македонија2025.
Таа додава дека многу често менаџерите не знаат да проценат, а за тоа е потребно добро расудување, кое патем не е стекната вештина, туку се учи.

„Што е добро расудување? Да го познавате својот тим. Многу луѓе мислат дека го познаваат, но не е така. Менаџерите патуваат, имаат многу состаноци немаат време да седнат со своите тимови да ги запознаат и да видат каде е јазот во тој тим, кои квалификации недостасуваат. Потребно е да го знаете следното поглавје во работата, не претпоставувајте туку да знаете која е траекторијата на движење и што сакате да постигнете. Менаџерите ги прескокнуваат овие работи,“ појасни Илариа.
Таа додаде дека вештачката интелигенција може да се користи за регрутирање, но ако се има добро расудување истата ќе биде поуспешна во регрутација, во спротивно со лошо расудување и погрешно поставени параметри ќе оди во погрешна насока.
„Најскапата работа се човечкиот вкус и расудувањето. Дали знам точно каков човек да ангажирам, дали знам за која позиција да го ангажирам. Расудувањето е човечка особина, тоа не е талент, тоа се учи и истата таа расудливост ќе ви помогне при вработувањата,“ додаде Илариа.
Емил Христов кој е сопственик на компанијата Домасело и е наш иселеник во САД, во своето излагање на панел посветен на дијаспората и како таа може да помогне на државата, сподели свое лично искуство како претприемач и на што тој работи со своите луѓе и тимови.
„Мојата лична цел во организацијата е да ги инспирирам луѓето да размислуваат надвор од рамките и надвор од моите интереси за лични бенефити. Да размислуваме повеќе од тоа само да си купам мерцедес, да размислуваме за приказни кои вреди да се споделат. Платите ги луѓето добро за да останат овде, не бидете лакоми, платете и ќе останат овде. Но исто така потребни се стандради во работењето, добро управување, стручно менторство,“ додаде Христов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Unsplash/Самит Македонија2025














