Албанија во октомври ќе одржи меѓувладина конференција со Европската Унија (ЕУ), што значи дека и официјално ќе ги стартува преговорите, а можеби и Македонија, најави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на меѓупарламентарната конференција за Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничка безбедносна и одбранбена политика во Будимпешта.
Како што пренесува српска „Политика“, Вархеји рекол дека ЕУ треба да ги продолжи преговорите со Србија и да го отвори Кластерот 3, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст.
Воедно, ги повикал Белград и Приштина да напредуваат во дијалогот кој се води под посредство на ЕУ.
Тој посочил дека политиката на проширување е главен приоритет на ЕУ и дека повеќе не е прашање дали, туку кога ќе има проширување.
Вархеји додал и дека проширувањето ќе остане на врвот на политичката агенда бидејќи европскиот проект нема да биде завршен „без приклучување на пријателите од Балканот и од Истокот“.
Истовремено додал дека пристапувањето во ЕУ е процес заснован на заслуги и на Копенхашките критериуми.
Фото: Игор Бансколиев