еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Богата содржина на културната манифестација Смилевски конгрес, која се одржува до утре во Смилево

Манифестацијата Смилевски конгрес започна вчера (1. мај) во демирхисарското село Смилево, и ќе трае до 3. мај (сабота).

„Манифестација „Смилевски конгрес“, во современ контекст, е дијамант на каллив пат. Пораката што ја испраќа денешниов „Смилевски конгрес“ е да ги отвориме сопствените двери и ризници, и да го употребиме тоа богатство што е внатре.

Меѓутоа, предвид треба да се има дека употребата е вредносно неутрална – многу лесно може да биде и злоупотреба. Кога мислам на правилна употреба, предвид имам: одговорно и внимателно раководење со културната меморија и наследство, што подразбира ангажирање на бистри умови со чисти души и, секако, продорен ум. Продорен во смилса на визионерски дух.

Без визија ќе останеме со прстот во уста и со случајно пронајдениот дијамант, кој самиот по себе има ограничена вредност, па многу лесно можеме да го загубиме. Тогаш ќе останеме и без дијамантот и без среќата што сме го пронашле. А верувајте ми, без среќа, што значи средба, нема ни радост. Добрата совест, смиреноста, разумот, среќата – не живеат во нечист човек,“ вели Влатко Деловски в.д. директор на манифестацијата во интервју за Трн.

Вчера се случи фестивалскиот интро – ден во смилевската кооперација на „Сретсело“, на кој се одржа Трибина посветена на значењето на Даме Груев и Смилевскиот конгрес за македонскиот идентитет, а се положи и венец на гробот на Даме Груев.

Денеска ќе се одржи главниот дел на манифестацијата Поворката на Мајовци „Напред во минатото“, на мостот на влезот од селото, со почеток во 19 часот.

Отворање на фестивалот е со дефиле од мостот до Куќата на Даме Груев, на чело со зурлите и тапаните на Мајовци, заедно со публиката. Следува настапот на Hot jazz orkestar – акустичен концерт на традиционална џез-музика од почетокот на 20 век, која се карактеризира со брзо темпо и емотивни импровизации на кларинет и гитара.

Во Куќата на Даме Груев во 20 часот ќе се одржи мултимедијална инсталација на уметничката трупа „Трета сликарска лабораторија“ на катедрата по применета и ликовна уметност при универзитетот на Западна Македонија, Лерин, Грција и колективот за визуелни уметности Buff, заедно со познатиот фотограф Сашо Алушевски.

Во 21.30 часот Поворката на Мајовци ќе стигне на главната бина „Сретсело“, каде во 22 часот Зарина Првасевда ќе одржи концерт на традиционална музика во современи аранжмани.

Вечерта ќе продолжи со DJ Sokin – перформер и диџеј од Лерин, кој се фокусира на создавање уникатни сонични искуства, оформувајќи специфична звучна слика на секој перформанс.

„Главната програмска матрица и заложба на Манифестацијата е да презентира и поддржува култура која е квалитетна, автентична, современа, традиционална или традиционална во современ контекст; да поставува важни општествени, историски и културолошки прашања и да го ревитализира и актуализира културното наследство и околината како културни и туристички капацитети.

Првиот фестивалски ден музички е повеќе наклонет кон традицијата, а вториот повеќе кон современите форми, додека мултимедијалните инсталации во куќата на Даме Груев и низ селото ќе бидат изложени двата дена.

Годинава програмата е замислена како еден вид на тура низ важните обележја на Смилево, концепт кој се надеваме да го прошируваме со секоја наредна манифестација.

Обележјата истовремено се и места на настаните од програмата, а со цел актуализирање и промовирање на културолошките и историски значајни капацитети кои ги поседува селото. Но, преку културната програма, и земјава,“ вели Пеце Трајковски – Брада, програмски и организациски соработник на НУ Манифестацијата Смилевски конгрес.

На (3. мај) програмата продолжува во 19 часот со концерт на Дејан Марковски – битолчанец, патувач и уличен изведувач низ земјите во Европа, кој моментално работи и на свој проект „Дејание“ – авторски материјал кој ги избегнува можните авторски жанрови.

Во 21 часот на главната бина „Сретсело“ ќе настапи Bitvox – хор од Битола, составен од околу 25 ентузијасти под диригентство на Марина Коруновска, кои изведуваат светски познати поп-рок хитови во нивни автентични аранжмани.

Фолтин ќе настапат во 22 часот.

Манифестацијата завршува со концерт на диџеј Constantine – мултимедијален артист од островот Парос во Грција.

Работи на аудиовизулени проекти, изведувачки уметности и инсталации, комбинирајќи аналогни и дигитални медиуми.

„За Манифестација „Смилевски конгрес“ најголема заслуга има фамилијата Игуменовци, последните наследници на Дамјан Груев, што на државата ја отстапија куќата каде што се родил Даме, а која претходно била во нивна сопственост. Таа куќа денес е седиште на Националната установа Манифестација „Смилевски конгрес“ – с. Смилево. Институцијата формално започна да постои кон крајот на 2023 година,“ додава Деловски.

За да стигнете до Смилево, најдобра опција е да го користите автобускиот превоз, бидејќи паркингот е ограничен.

Фото: Смилевски конгрес/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Сали Бериша доби бокс во лице на протест, обвини дека напаѓачот е инфилтриран полициски агент

Редакција

Трета жртва во сообраќајката на автопатот Штип-Миладиновци, почина и 37-годишна жена

Редакција

Внимавајте на змии периодов, може да се појават секаде

Редакција