Денеска повторно ќе се одржи протест за Фросина Кулакова, кој ќе започне во 16.30 часот пред Универзална сала, потоа ќе продолжи до Влада, Собрание и ќе заврши пред Апелационен суд.
„Денес официјално се приклучив кон иницијативата „Кој е следен” како претставник на целото наше семејство и гласноговорник за Фросина.
Да нема забуни, манипулации и политизирање! Нешто што ние од првиот ден го бараме! Ова е граѓански протест, протест на народот, протест на тагата, на револтот и на желбата да се остане тука!
Симболично тргнуваме од Универзална сала. Местото каде што заврши сонот на Фросина. Местото каде што се прели чашата со крв. Местото каде што оваа иницијатива започна. Да и оддадеме почит на Фросина, но и на сите жртви на корумпираниот и трул систем.
Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата. Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да не поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата „Кој е следен” и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите.
Истото го бараме не само од власта, туку и од опозицијата! Бараме да се вклучат во промената на законите и Парламентот активно да контролира како тие закони се спроведуваат.
Бараме да се свестат дека гнојот во општеството доаѓа од судството! Бараме да сфатат дека и тие се дел од народот! Бараме чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив, а веруваме дека не сите судии и обвинители се исти,“ вели Росица Кулакова, сестра на Фросина.