Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, информираа од таму.
„Осомничениот 33-годишен скопјанец, на 25. април, како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето.
По десната сообраќајна лента од улицата „Џон Кенеди” управувал моторцикл „Пиаџо Беверли ” со скопски регистарски ознаки и тоа без заштитен шлем и без да поседува возачка дозвола од A категорија за тој вид на моторцикл.
Кога дошол пред влезот на основното училиште „Васил Главинов”, на обележан пешачки премин не обрнал внимание на пешаците кои започнале да чекорат и кои имал обврска да ги пропуштил.
Со предниот десен дел од моторциклот удрил во телото на оштетеното 10-годишно девојче кое го поминувало коловозот на пешачкиот премин. Од ударот девојчето се здобило со тешка телесна повреда – скршеница,“ велат од Обвинителство.
Јавниот обвинител со цел обезбедување на осомничениот во текот на постапката предложи да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Судот и привремено одземање на патна исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање.
Судот го прифати предлогот и ги определи мерките.