еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

ИСОС: Преку притисок врз институциите неформална група сака да продолжи да работи во сива зона, наспроти 6.300 сметководители кои работат според Законот

Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) денеска оствари средба со пратеници од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои во Собранието доставија предлог измени и дополнувања на Законот за сметководствени работи по скратена постапка, а по барање на неформална група, информираат од таму.

-На средбата со пратениците, членовите на управниот одбор на ИСОС, како единствена организација основана согласно Законот која има јавни овластувања и ги претставува интересите на сите сметководители и овластени сметководители во земјава, истакнаа дека ИСОС ќе достави во најкус можен рок забелешки на предложените измени и ги изнесоа фактите за реалните состојби во оваа професија.

Фактите говорат дека 6.300 сметководители и овластени сметководители кои активно се занимаваат со оваа законски регулирана професија во нашата земја, доследно ги почитуваат своите законски обврски, односно навремено и точно ги ажурираат своите податоци во регистрите кои ИСОС законски е обврзан да ги води, ги имаат исполнето законски утврдените часови за континуирано професионално усовршување и во целост ја платиле предвидената членарина.

Наспроти ова, поединци од т.н. „неформална група“, кои и покрај сите укажувања и апели не ги исполниле свои законски обврски, продолжуваат да вршат притисок во јавноста и врз институциите, со цел да им се овозможи да се занимаваат со сметководствена дејност надвор од важечкиот Закон.

На ваков начин, преку притисок, овие поединци сакаат и понатаму да им се дозволи да работат во т.н. сива зона, што е една од основните негативни појави за чие сузбивање се залагаат сите учесници во дејноста и надлежните институции и која им нанесува огромна штета на мнозинство активни сметководители кои редовно ги исполнуваат сите свои законски обврски и со право очекуваат да им биде овозможено да работат и да напредуваат во професијата.

Претставниците на оваа неформална група, кои вчера протестираа пред Министерството за финансии, јавно признаваат дека не ги почитувале своите законски обврски само затоа што Законот не им се допаѓа, сметаат дека тие нема потреба да се усовршуваат и да го надградуваат своето знаење од областа и не сакаат да ја плаќаат законски утврдената членарина.

Споредбено на тоа, што ќе се случи доколку претставниците на останатите законско регулирани професии, како што се: лекарите, инженерите, проценителите, адвокатите и други, свесно престанат со своето континуирано стручно усовршување.

На денешната средба, членовите на Управниот одбор на ИСОС, им укажаа на пратениците дека предложените измени во Законот по скратена постапка, кои се резултат на јавниот притисок што го прави споменатата неформална група, задираат во некои од клучните аспекти за регулација на професијата и можат да нанесат долгорочни штетни последици врз нејзиниот натамошен опстанок и развој, што секако негативно ќе се одрази и врз државата и економскиот развој на земјата.

Убедени сме дека институциите заедно со ИСОС ќе успеат да пронајдат соодветно решение, особено во овој период кога, по долг период на застој, ажурираните Меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ) започнаа да се применуваат во земјата, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа 26 лица од Ковид-19, најмладиот на 36-годишна возраст

Редакција

Уште едно лице приведено за убиството на докторот Ацо Трпковски, другите две уште се на распит во полицијата

Редакција

Најголем дел од потрошувачите ќе добијат пониски порамнителни фактури за греење, најавија од ЕСМ

Редакција