Лани Комерцијална банка АД Скопје остварила добивка пред оданочување во износ од 5.482,1 милиони денари наспроти 3.912,6 милиони денари во 2023 година, што претставува зголемување за 40,1%, информираше Банката преку Македонската берза.
Планираната добивка за 2024 година на Банката е остварена со 129,5%.
-Данокот на добивка во 2024 година изнесува 557,3 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 4.924,8 милиони денари, или 37,5% повеќе во однос на минатата година.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 31,7% поголема во однос на минатата година.
Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето-приходи од камата, а во помал обем и поради зголемените нетоприходи од провизии и надомести и нето-приходи од тргување.
Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, како и поради зголемениот износ на наплатени претходно отпишани побарувања.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 8.896,3 милиони денари и бележат зголемување од 25,9% во однос на минатата година, велат од таму.
Нето-приходите од камата бележат зголемување од 14,5% во однос на претходната година.
-Планот е исполнет со 114,0%. Приходите по основ на камата се зголемени вкупно за 17,1 % како резултат на зголемени пласмани кај сите сектори и покрај отпочнатиот тренд на намалување на референтните каматни стапки во текот на второто полугодие.
Имено, ЕЦБ изврши намалување на трите основни каматни стапки и соодветно на тоа, НБРСМ започна со релаксирање на монетарната политика.
Расходите по основ на камата се зголемени за 41,3% поради зголемените орочени депозити споредено со минатата година.
Нето каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,63% на крајот од претходната година, на 3,85% со 31.12.2024 година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2024 година изнесуваат 1.191,5 милиони денари и во однос на минатата година бележат зголемување од 8,4% во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности, особено во делот на работењето со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 108,3%.
Нето-приходите од курсни разлики на 31.12.2024 година изнесуваат 376,8 милиони денари и бележат зголемување од 3% во однос на минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 115,6%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2024 година изнесуваат 1.189,5 милиони денари и бележат позначително зголемување во однос на минатата година како резултат на повеќекратното зголемување кај приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот, а во помал обем и поради зголемените наплатени претходно отпишани побарувања, велат од таму.
Во рамки на приходите од продажба на преземен имот и опрема, најголемо учество имаат приходите од продажба на преземен имот од должниците Еуроникел Индустри ДОО с. Возарци, Кавадарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево, евидентирани во месец април 2024 година. Планот е остварен со 159,1%, посочуваат од таму.
-Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2024 година изнесуваат 2.724,5 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 14,4%, во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи и зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација.
Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес. Планот е остварен со 122,7%.
Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2024 година изнесува 670,5 милиони денари, наспроти 766,9 милиони денари во 2023 година, што претставува намалување од 12,6%.
Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства се должи на ефектите од трансакцијата со клиентот Еуроникел Индустри ДОО Кавадарци, кој во текот на 2023 година забележа влошување во сервисирањето на обврските кон Банката, што придонесе за издвојување на поголема нето дополнителна исправка на вредност.
Поради тоа, кон крајот од 2023 година Банката донесе одлука да изврши преземање на заложениот имот со цел да се најде брзо и ефикасно решение за повторно отпочнување со производство, а веќе во април 2024 година успешно ја реализираше трансакцијата на продажба на комбинатот.
На намалувањето на нето исправката на вредност во текот на 2024 година исто така влијаеше и добрата финансиска дисциплина на клиентите и покрај заострените услови пропишани со новата регулатива за управување со кредитен ризик.
Во периодот од 01.01-31.12.2024 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 19,3 милиони денари, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот во согласност со регулативата од НБРСМ, велат од таму.
Вкупната актива на Банката на 31.12.2024 година достигнала износ од 178.612,4 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележи зголемување од 9,2%.
-Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемените кредити на комитенти, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 103,6%, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Комерцијална банка ќе дели дивиденда од 1.250 денари бруто за акција