еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Екс директорите Нино Васев и Нехат Нухи и тројца доктори осомничени за случајот “Онкологија“

Поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, поранешниот организацискиот директор на Клиниката, Нехат Нухи и тројца доктори од страна на Јавното обвинителство се осомничени дека незаконски и на реверс набавувале скапа цитостатска терапија за да креираат вишоци, како и дека на пациенти им се препишувала терапија поголема од потребната за да создадат вишок од лекови кои потоа се препродавале.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нино Васев и Нехат Нухи останаа без пасоши и не смеат да го напуштат Скопје

Од Обвинителството, кое отвори истрага за случајот кој ја потресе и вознемири јавноста, информираа дека двајцата директори како соизвршители се осомничени за кривично дело – Измама во службата, а докторите за помагање при извршување на истото кривично дело.

Васев е осомничен и за Злоупотреба на службена положба и овластување.

Како што појаснија од Обвинителството, тие набавувале лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка, без согласност од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), во период кога постапките за јавна набавка се уште не биле спроведени од Министерството за здравство.

Васев направил седум јавни набавки без објавување на оглас.

„Фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите без согласност од ФЗО.

За да сите овие набавки и склучени договори предизвикаат правно дејство мора да имаат согласност од ФЗО, без неа, немаат правно дејство,“ изјави обвинителката Ана Гоговска-Јакимоска.

Во периодот од 2018 до 2021 година, Васев не ги фактурирал лековите од биолошката терапија кон ФЗО, биле преземани обврски над определениот годишен буџет, Клиниката вршела делење на набавката на ист лек и спроведувала постапка со преговарање без објавување на оглас во неколку наврати за краток временски период.

На тој начин директорите креирале вишок од терапија кој се изнесувал од Клиниката и се чувал во стан во Скопје, а дали цитостатската терапија завршувала на црниот пазар во Косово, Обвинителството нема докази.

Од Обвинителството информираа дека во текот на предистрагата биле прегледани повеќе од 500 истории и повеќе од 25.000 електронски записи на пациенти. Било утврдено дека спротивно на протоколите за лекување, биле препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.

„Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, бидејќи во овој момент такво нешто не се докажа. Ова значи, народски кажано дека е требувана вишок терапија на име на пациентите. Раздолжувана е терапија повеќе од тоа што треба пациентите да го примат.

Биле препишани скапи лекови од новите генерации на имуно терапија на ден пред смртта на пациентот, што значи дека кога веќе било очигледно дека од апликацијата на таквиот лек нема да има бенефит. Дали се дадени или не се дадени ние не можеме да тврдиме“, рече обвинителката.

Доказите на Обвинителството покажуваат и дека лекарите препишувале двојно, тројно, па и осумкратно поголема цитостатска терапија од потребната за да се направи вишок.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Каков имот пријавил екс директорот Нино Васев, приведен за случајот на Онкологија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во последните три дена, 179 нови случаи на Ковид-19, оздравени 347, шест починати

Редакција

Македонија ќе забрани увоз на руски дизел

Редакција

Богојавление – Водици: Денот кога Господ Исус Христос бил крстен во реката Јордан

Редакција