Македонија за прв пат ќе биде домаќин на Генерално Собрание на меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA (Union of International Mountain Leaders Associations, www.uimla.org) кое што преставува највисок управувачки орган на унијата.
Во рамки на Генералното Собрание ќе се одржуваат сесии на управувачките и стручните тела на UIMLA, од 29 октомври до 4. ноември. Важен дел од настанот се стручните тематски сесии на кои се дискутира за иднината на професијата, но и иднината на авантуристичкиот туризам во светот.
Оваа година Генералното Собрание на UIMLA е со посебна важност затоа што станува збор за јубилеен настан по повод дваесет години од постоењето на меѓународната организација.
„Изборот на Република Северна Македонија за домаќин на јубилејното собрание не е резултат на случајност, туку потврда за квалитетот на Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина (МАИВП) и нејзиниот сериозниот придонес и искрен пристап во развојот на професијата на меѓународен план.
Важно да се напомене дека преку Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина, Република Северна Македонија е прва и засега единствена земја од регионот која што е полноправна членка на UIMLA и која што врши обука на професионални водичи во соседните земји, како Косово, Албанија и Црна Гора, што преставува своевидна потврда за нашето регионално лидерство во планинскиот туризам.
Воедно тоа преставува одлична можност за соодветно лидерско позиционирање на сите туристички чинители од земјава, како од деловниот сектор, така и инститиуциите да ја искористат оваа ретка и тешко заработена можност, за подобро позиционирање на домашниот туризам во деловна, но и во институционална смисла.
Ефикасното спроведување на овој важен настан за Република Северна Македонија е од особена важност, не само за професионалните водичи во планина, туку и за туристичкиот и економскиот сектор во земјава, како и за институциите во чија што надлежност е организацијата и подршката на туризмот, затоа што тоа е ретка прилика да се презентира нашата земја и нејзините вредности пред меѓународната организација на професионални водичи, која што има исклучително значајна улога во креирањњето на светските текови во авантуристичкиот туризам, кој пак од своја страна претставува еден од најважните сектори во дојдовниот туризам и важен економски потенцијал за нашата земја,“ вели претседателот на МАИВП, Костантин Циривири.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото/еМагазин.мк