еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Македонските компании пред нова неизвесност, поради падот на германската економија

Условите за работа на компаниите во металната и електро индустријата, најверојатно ќе се сметаат пред и по ковид-кризата. Добрите години на извозот пред ковидот, не се очекува да се повторат и во следните пет години.

По ковидот следуваа нови предизвици, војната во Украина, енергетската криза, проблемите со транспортот, зголемувањето на трошоците, кои влијаеја на глобалната економија.

Денес македонските компании се исправени пред повторна неизвесност и криза, поради падот на германската економија.

За предизвиците по ковид-кризата и како да се постигне одржливост и развој, дел од компаниите, членки на Aсоцијацијата на метална и електро индустрија МАМЕИ, зборуваа на панел-дискусија во рамки на Меѓународен саем за енергетика и технологија Енерго технома.

Претседателката на МАМЕИ, Марта Наумовска Грнарова, која воедно е и сопственик и менаџер на компанијата „Завар дизајн“, говорејќи за предизвиците и можностите, истакна дека во 2019 година, пред да фати корона кризата компанијата доживеала историски упсех, бидејќи 90% од производството било за извоз. Но, последните пет години се каска зад тој успех, и одредени планови и стратегии било потребно да се променат многу брзо и компанијата да се прилагоди на новите ситуации.

На иста линија со неа е и генералниот менаџер на „Костал Македонија“, Виктор Мизо според кого, врвот на производство и проджба на автомобили од пред пет години, нема да се случи до 2030 година.

„Се случи целосна промена што, каде и како ќе се движи автомобилската индустрија. Се појавија голем број на нови играчи и технологии, кои се поврзани со геостратешките фактори. Проблеми и предизвици со кои се соочуваме се земјотресите во Јапонија, производството на чипови, како ќе стигнат тие чипови, војната во Украина, зголемувањето на цената на енергенсите во Европа.

Свое влијание имаат и инфлацијата, зголемувањето на трошоците, интересот на луѓето да купат нови автомобили, нивниот скептицизам околу тоа. Сето тоа влијае на несигурноста, во која насока ќе се развива индустријата,“ истакна Мизо, додавајќи дека има наплив и зголемен интерес за кинески возила, кои се поевтини но технолошки понапредни од германските и американските, и воопшто не важи повеќе тоа „Кина не ја бива“ бидејќи се неколку чекори пред сите.

Генералниот директор и извршен член на бордот на директори на „Макстил“, Марија  Дуковска Павловска истакна дека слични се движењата и во метало-преработувачката индустрија, која е базна индустрија на сите други.

„Се случи војната во Украина, енергетска криза, логистичко-транспортна криза која сите не погоди во изминатите години. На ниво на ЕУ, од 1994 до 2002 година фокусот воопшто не беше на металната индустрија, кога единствената перцепција беше дека е загадувачка. Но, последните години таа перцепција се менува и се зборува за зелен челик, декарбонизација, заштеда на енергија,“ вели Дуковска Павловска, потенцирајќи дека се што се случува глобално, влијае и врз работата на македонските компании.

Генералниот директор на Раде Кончар ТЕП, Горан Антевски изјави дека денес се исправени пред нова економска криза во Европа.

„Не знаеме како ќе биде во 2025 година, Германија паѓа, работиме со нив, извезуваме таму, ветриштата од таму не се добри. Не се плашиме, но прашањето е како да продолжиме да растеме. Но видовме дека само со знаење може да напредуваме. Приходот и профитот ги зголемуваме благодарејќи на иновации и инвестиции во нови технологии. Вложуваме во машини, роботи и од пет инженери, денес сме 35. Квалитот на производ е многу подобар,“ истакна Антевски.

Тој додаде дека дел од нивните работи ги извршуваат подизведувачи, чиј што квалитет на работа го контролираат.

„Поминуваат низ знаење како нашите вработени. Компании кои работат со нас ги сертифицираме и им даваме можност да бидат добри. Во знаењата вложуваме повеќе отколку во платите. Кога се работи за можности за унапредување на знаењето, тука нема штедење. Се посетуваат обуки, семинари кои ја зголемуваат продуктивноста, по што доаѓа и зголемувањето на платите и награди по завршени проекти,“ потенцираше Антевски.

Компаниите се согласни дека за да се направи оптимизација на производствениот процес потребно е да се зголеми соработката со локалните и регионалните компании, со што може да се придонесе до 35% заштеда на вредноста на инвестицијата. Она што пак државата може да го направи е подобрување на образованиот процес и на инфраструктурата која ќе овозможи поголема мобилност на работната сила.

Заради забавување на германската економија, очекуваат рефлексија и врз нашата индустрија.

„Треба да ја искористиме предноста што сме во Европа, бидејќи избегнуваме логистички проблеми односно не ни треба авионски и поморски транспорт, лесно е преку копнениот транспорт. Во синџирот на снабдување, фокусот треба да ни биде на локалните компании, за да бидеме брзи, да понудиме брз одговор на барањата на купувачите.

Не можеме да се „тепаме“ со цените од Истокот, но може да се бориме на европскиот пазар со брзината на испораката и со квалитетот. Немаме капацитет за големи количини, но може да се насочиме кон нешто специфично, да се произведе нешто што голема компанија нема да се нафати да го менува целиот процес на производство за едно или две парчиња,“ заврши Дуковска Павловска.

Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите од металната и електро индустријата е недостатокот на кадар. Оттука, соработката со факултетите е повеќе од неопходна, за бенефити во обете насоки.

Редовниот професор на Машински факултет, Бојан Јовановски рече дека факултетот е поврзан со компаниите и студентите продолжуваат да работат во индустријата.

„Пред ковидот, како професори се јавуваме и молевме фирмите да ги вработат студентите, сега е обратно, фирмите бараат кадри. Нашите студенти во трета година, се веќе вработени, и жал ми кога нема кого да пепорачаме. Не секој работи како инженер, но секој го наоѓа патот.

За жал, како факултет не секогаш сме динамични што бара пазарот, но бараме мислење од индустријата за програмите. По ковидот добивме проекти, отворивме две лаборатории, за зголемување на вештините на младите луѓе и се вклучени во наставните планови,“ изјави Јовановски.

Лабораториите функционираат како вистински фабрики во кои инженерите може да учат техники на подобрување на производство, но од друга страна компаниите забележуваат дека квалитетот на студиските програми се намалува, а со тоа и знаењето на студентите. Стандардите се спуштаат, за да се продуцира каков-таков кадар.

Професорот Јовановски пак го потенцираше фактот дека во Македонија инвестициите во науката и образованието се 10 пати помали од европскиот просек. Сите нови програми се на иницијатива на колективот на факултетот, и преку директната комуникација со индустријата, таа повеќе инвестира во младите и факултетите.

Според Дуковска Павловска ако се продолжи со ова темпо на (не)запишани студенти, не само што ќе нема квалификуван кадар, туку воопшто ќе нема кадар, како на пример металурзи.

„Ако продолжи ситуацијата, по пензионирањето на металурзите нема кој да работи во процесот,“ изјави Дуковска Павлоска која најави развој на две програми со факултетите за продуцирање на кадар.

„Не може се да се роботизира и автоматизира. За дел од процесите ви се потребни луѓе. Еве ќе купиме роботи, но кој ќе ги одржува, кој ќе ги репарира. Потребни се прилагодувања, да направиме да ги задржиме луѓето и да ги доквалификуваме за да работат во индустријата,“ подвлече Дуковска Павловска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Асоцијацијата за метална и елекро индустрија МАМЕИ го одбележа своето 10-годишно постоење, еМагазин доби благодарница

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Нова зима, стари проблеми: Алармантно загадување во Аеродром и Лисиче

Редакција

(Фото) Предлог-место за посета по кризата со корона вирусот: Плажа Оревче

Редакција

Анализа: Богатите земји имаат речиси милијарда дози вакцини вишок, за другите – што ќе остане

Редакција