Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев ја имаа првата средба во Лондон, Велика Британија, во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, кој започна вчера.
Мицкоски, кој на Фејсбук детално информираше за сите средби кои што ги имал таму, информираше и за оваа средба, но не сподели детали, а во своето видео обраќање меѓудругото рече дека односите со Бугарија се „главен приоритет“.
„Главен приоритет на Македонија и на новата македонска Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед“, рече тој.
Бугарските медиуми пак пренесоа детали за средбата.
„За време на разговорите со премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, Радев изразил надеж дека Северна Македонија ќе го забрза спроведувањето на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и договорите кои земјата ги има со Европската унија, со што ќе се отвори перспективата за почеток на преговори за полноправно членство со ЕУ“, пренесе бугарската агенција БТА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Со кој сѐ се сретна досега Мицкоски на Самитот на Европската политичка заедница во Лондон
Фото: Радев/Фејсбук